Учениците од Куманово Илина Арсовска и Леонид Петковски учествуваа на светскиот натпревар „Microsoft Office Specialist World Championship“ во САД
- Илина Арсовска и Леонид Петковски, успешно го презентираа Куманово и државата заедно со останатите тројца ученици од Скопје на Microsoft Office Specialist World Championship кој се одржа во Анахајм, Лос Анџелес САД. Учениците напорно работеа изминатиов период и достојно ја претставија државата на шампионатот на кој учествуваа 130 ученици од светот, но само неколкумина земји од Европа.
Куманово, 14 август 2024 (МИА) - Илина Арсовска и Леонид Петковски, успешно го презентираа Куманово и државата заедно со останатите тројца ученици од Скопје на Microsoft Office Specialist World Championship кој се одржа во Анахајм, Лос Анџелес САД. Учениците напорно работеа изминатиов период и достојно ја претставија државата на шампионатот на кој учествуваа 130 ученици од светот, но само неколкумина земји од Европа.
Ученичката Арсовска од гимназијата „Гоце Делчев“ вели дека патот да се стигне до светскиот натпревар воопшто не бил лесен. По општинскиот, регионалниот учествувале и на државниот натпревар со ученици и млади до 21 година.
- Успеав да се квалификувам за светскиот натпревар. Се натпреварувавме во посебни категории Microsoft PowerPoint 365 Apps без разлика на возраста. Прашањата беа потешки и на натпреварот не постои можност да има исти прашања како и претходните години. Имавме три категории, изјави Арсовска.
Таа е исклучителен ученик сега веќе за втора година во кумановската гимназија и постојано освојува врвни награди по математика, физика, програмирање.
Ученикот Леонид Петковски од стручното „Наце Буѓони“ веќе втор пат учествува на натпреварот, овој пат во категорија Microsoft PowerPoint 365. Лани, како што изјави имало помалку ученици, годинава конкуренцијата била исклучително силна и на државниот и на светскиот натпревар.
- Годинава морав одново да го учам целиот софтвер, а и конкуренцијата беше силна. Првите три места во различните категории го освоија ученици од азиските држави. Клучно за успехот е мотивацијата на самиот ученик, колку време се вложува во учењето, колку се ангажираат, изјави Петковски кој сега ќе биде трета година.
Професорите Марјан Спасиќ и Јасмина Денковска се горди на успехот на нивните ученици. Спасиќ веќе петта година подготвува ученици за престижниот натпревар, од кои четири години освојувале први места и максимални поени.
- Врвна беше организацијата во САД, огромно искуство. Годинава, Македонија ја презентиравме со пет ученика, дури двајца од Куманово. Сите освоија максимални поени. Многу е подобро учеството како тим, вели Спасиќ.
Неговата колешка од гимназијата, Јасмина Денковска кажа дека самото учество било исполнето со предизвици во однос на материјали, краткото време за подготовка и средствата кои делумно самостојно ги обезбедиле.
- Имавме поддршка од општината Куманово и најава за поддршка од Владата. Тука се и општествено-одговорните компании, од Куманово. Достојно ја претставивме земјава, стекнавме драгоцени искуства за сите нас, изјави Денковска.
Илина и Леонид заедно со професорите ќе ги координираат учениците кои наредните години ќе учествуваат на светскиот натпревар. Учениците и професорите очекуваат одлични резултати во наредниот период. ам/са/
Фото: МИА и професори Спасиќ и Денковска