• петок, 15 ноември 2024

Уставниот суд ќе разгледува четири иницијативи

Уставниот суд ќе разгледува четири иницијативи
Скопје, 1 јуни 2022 (МИА) - Уставниот суд на Република Северна Македонија денеска ќе одржи седница на која ќе се разгледуваат четири иницијативи. Првата е во врска со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поднесена од Иван Лотески од Охрид. Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорените одредби се крши една од темелните вредности-владеење на правото, предвидена со член 8 став 1 алинеја 3. Според наводите во иницијативата се заобиколува Законот за општа управна постапка, се кршат основните слободи и права на граѓаните со тоа што доставувањето на барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер се навлегува во приватноста на странките, односно во личните предмети кои странките ги имаат во институциите. Како што е најавено, на седницата ќе се расправа и по иницијативата во однос на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, поднесена од Александар Бежовски, адвокат од Скопје, кој ги оспорува одредбите коишто се однесуваат на адвокатурата односно за адвокатите и адвокатските друштва од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам. Според наводите во иницијативата со оспорениот член 63 се оневозможува и се спречува адвокатурата да ги оствари основите на самото свое постоење и по Устав и по Закон загарантирани како самостојноста, тајноста, заштита на интересот на странката, чување на довереното од странката и давање на квалитетна правна помош. За иницијативата која Уставниот суд треба да ја разгледува во однос на Колективниот договор на МВР подносителот Нехат Лужа од Скопје смета дека делот од оспорената одредба:„Доколку работникот одработи повеќе од 32 часа прекувремена работа во месецот, за останатите часови користи исклучиво слободни денови”, се спротивни на членовите 116 и 117 од Законот за работни односи со кои законодавецот ја ограничил горната граница до која можел еден работник да се ангажира на работа и тоа 40 часа редовна работа плус 8 часа прекувремена работа во неделата, односно 190 часа прекувремена работа во текот на годината. На денешната седница Уставниот суд ќе ја разгледува и иницијативата поднесена исто така од Нехат Лужа од Скопје за ставовите 2, 3, 4, 5 и 6 од член 9 од Правилникот за членување, права и обврски на членот и престанување на членството во Македонскиот полициски синдикат од 06.03.2020 година. Според подносителот на иницијативата оспорените одредби се спротивни на член 20 став 2 од Уставот. Се наведува дека неосновано се условува истапувањето на секој член со пропишување на услови и рокови кои требало да се исполнат, односно да се поминат. цр/мд/

Остани поврзан