• петок, 21 јуни 2024

УСАИД ја започна новата Актвност за млади кои активно создаваат можности

УСАИД ја започна новата Актвност за млади кои активно создаваат можности

Скопје, 14 ноември 2023 (МИА) - УСАИД денеска официјално ја започна новата Активност фокусирана на младите чијашто цел е поврзување на младите со можностите коишто им се потребни за да бидат конкурентни во денешната економија. На настанот по повод почетокот на Активностите, министерката за труд и социјалнаполитика, Јованка Тренчевска, го имаше воведното обраќање, а подоцна се обрати и директорката на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) за Европа и Евроазија, амбасадорката Ерин Е. МекКи.

 - Младите се движечка сила во секое општество, вклучувајќи го и нашето и токму затоа иднината треба да ја градиме со нив, за нив. Знаеме дека не само иднината, туку и сегашноста зависи од младите, а пак успехот на младите зависи од можностите што ние ги обезбедуваме за нив. Верувам и знам дека тука ние имаме млади со огромен потенцијал, истакна министерката во своето обраќање.

Тренчевска ја истакна важноста на навременоста на оваа иницијатива, имајќи го предвид сѐ поголемиот број млади лица коишто бараат можности надвор од државата.

 - Улогата на Министерството за труд и социјална политика како креатор на политики е да им овозможи на младите повеќе можности да го искористат својот потенцијал дома, истакна таа и додаде дека во соработка со УСАИД, се стремат да им дадат можности на младите да ги стекнат потребните вештини за успешна кариера и да дадат значаен придонес за нашата економија, со што заедно ќе создадеме попросперитетна иднина за сите.

Како што нагласи, еден од стратешките приоритети на Министерството е намалувањето на невработеноста кај младите што е клучно за градење на поинклузивно општество.

На новинарско прашање како државата планира да ги задржи младите со ниска минимална плата, Тренчевска истакна дека минималната плата е плата која што државата ја одредува за да нема пониска од неа.

-Во приватниот сектор ќе сретнете многу малку фирми коишто даваат минимална плата, особено на млад квалификуван кадар. Платите во приватниот сектор, каде што најчесто посакуваат и младите да се вработат, се многу поголеми и затоа реков дека работиме заедно на истражување кое што ќе покаже кои се занимањата што младите ги посакуваат како нивни идни занимања, истакна министерката.

Таа потсети дека минималната плата пред 2017 година беше 8.000 денари, а сега е 20 175 денари, што е доказ дека постојано расте. Нагласи дека има иницијација за март 2024 година, согласно методологијата и Законот за минимална плата, да порасне минималната плата соодветно на параметрите коишто се вклучени во методологијата.

Амбасадорката МекКи во своето обраќање ја потенцираше стратешката врска помеѓу јакнењето на младите во државата и клучните регионални цели, како што се евроатлантските интеграции и регионалната стабилност.

- Создавањето можности за фер плата, фер иднина и економски раст не изискуваат само напори од Владата, туку и партнерства со заедницата на истомисленички нации како што се САД на пример. Меѓутоа, ние треба да осигуриме мобилизација на инвестиции, да се стимулира приватниот сектор за да има што поголем број работни места во различни области коишто ќе бидат од витално значење за иднината, истакна МекКи. 

Петгодишната Активност на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, којашто е со вредност од 7 милиони долари, има за цел да го зголеми придонесот на младите кон општеството и ќе работи со 10.000 млади лица во земјава на возраст од 16 до 35 години. Активноста има три суштински цели: воспоставување партнерства за привлечни економски можности за младите, јакнење на вештините на младите за успешна кариера и промовирање вредности како одговорност, етика и граѓанско учество.

Во склоп на Активностите има младинска акција, деца кои што праќаат пораки за климатските промени, екипа која што го мапира кампусот, обуки за шефови и за бариста, уметници, како и обука за кариерно советување.

Со цел да се поддржат повеќе млади да го премостат јазот помеѓу формалното образование и вработувањето, Небојша Мојсоски, раководителот на Активноста и проф. д-р Биљана Ангелова, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање за време на настанот. Ова го означува почетокот на соработката за унапредување на универзитетскиот Центар за кариера.

Активноста ја спроведува американската непрофитна организација Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со CEED Hub Скопје и Младински образовен форум (МОФ). сан/нд/

Фото: Министерство за труд и социјална политика 

 

Остани поврзан