• четврток, 21 ноември 2024

УСАИД: Јавниот и приватниот сектор се подготвува за спроведување политики за заштита од климатски промени

УСАИД: Јавниот и приватниот сектор се подготвува за спроведување политики за заштита од климатски промени

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) - УСАИД денеска соопшти дека се одржа Информативна сесија за имплементација на системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација (MRVA) на емисии на стакленички гасови и механизмот на ЕУ за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) во Северна Македонија.

Оваа сесија е дел од Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст, организирана во соработка со Центарот за развојни политики ИДЕАС ДеПо, која инвестира во зголемување на продуктивноста,  конкурентноста  и интеграција на приватниот сектoр на регионалните пазари.

На информативната сесија претставниците од  јавниот и приватниот сектор се запознале со реформите за намалување на емисиите на стакленички гасови и справување со климатските промени кои во нашата земја ќе се спроведат во согласност со законодавството на ЕУ. Во текот на сесијата се размениле и мислења за краткорочните и долгорочните ефекти од овие активности.

-Томаж Карпински од Енергетската заедница ги претстави целите и основите на системот за мониторинг и известување на емисиите на стакленички гасови во Европската Унија, додека Теодора Обрадовиќ Грнчаровска, државен советник во Министерството за животна средина и просторно планирање ги изложи активностите за воспоставување на овој систем во земјава до крајот на 2025 година, во согласност со обврските превземени со Реформската агенда. Слободен Чокревски, директор на Институтот за акредитација ги запозна учесниците со плановите за развивање на системот за акредитација на субјекти кои ќе вршат верификација на податоците за емисиите на стакленички гасови, се вели во соопштението. 

Тимот од Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст ги претставил наодите од Анализата за имплементација на Механизмот на ЕУ за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) во Северна Македонија.  Анализата е изработена од Македонски производи ДООЕЛ - Скопје и дава проценка на влијанието од воведувањето на Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) од страна на Европската Унија, како и препораки за соодветен институционален одговор во нашата држава.

На завршниот панел биле изложени ефектите од воведувањето на CBAM врз надворешно-трговските текови и извозот, како и главните предизвици кои ги создава CBAM за мали и средни извозни претпријатија во земјата. мд/са/

Фото: УСАИД 

Остани поврзан