• недела, 22 декември 2024

Украина на врвот на агендата на самитот на Г-7 во Италија

Украина на врвот на агендата на самитот на Г-7 во Италија

Рим, 13 јуни 2024 (МИА) - Лидерите на Г7 се собираат во Италија на тридневна средба, на која се очекува да доминираат темите за војните во Украина и во Газа, како и за растечката тензија во односите со Кина во областите како трговијата и безбедноста, јави ДПА.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски е поканет да учествува на состанокот на Г7, кој започнува денеска во одморалиштето Борго Енјасија, југоисточно од градот Бари во јужниот регион на Пуља.

Украина ќе биде на врвот на агендата на состанокот на развиените индустриски демократии во светот: Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД. Вклучена е и Европската унија.
Киев може да очекува да добие огромен нов пакет помош од Г7 за одбрана од Русија. Лидерите ќе се согласат да финансираат заем од 50 милијарди долари за Украина со камата од замрзнатите руски државни средства. Најголем дел од замрзнатите средства, околу 210 милијарди евра, се наоѓаат во Европската унија. Руските пари генерираат милијарди приходи од камати секоја година.

По неколкумесечни преговори, Бајден и Зеленски ќе потпишат билатерален безбедносен договор меѓу САД и Украина во рамките на самитот на Г7, соопшти Белата куќа.

На разговорите во Италија, покрај Зеленски, ќе присуствуваат и лидерите на Турција, Бразил и Индија.

Папата Франциск ќе биде првиот лидер на Римокатоличката црква што ќе учествува на состанокот на високо ниво на Г7. Тој е поканет да зборува за опасностите што ги носи вештачката интелигенција. Други теми ги вклучуваат односите со Африка и миграцијата. паг/

Фото: Википедија

Остани поврзан