• петок, 05 декември 2025

УЕФА: Инфантино ги става личните политички интереси пред фудбалот

УЕФА: Инфантино ги става личните политички интереси пред фудбалот

Асунсион, 16 мај 2025 (МИА) - Редовниот Конгрес на ФИФА се одржа во четврток. Беше јасно дека нема да има „бомбастични“ вести бидејќи темите генерално беа неинтересни за пошироката јавност. Годишниот извештај беше објавен, беа гласани нови членови на неколку комитети, а фокусот беше ставен на неколкучасовното доцнење на претседателот на ФИФА, поради што самиот Конгрес доцнеше неколку часа.

Наместо Конгресот да започне во 11:30 часот, тој започна во 17:45 часот. Првиот човек на ФИФА зборуваше по малку за сè во својот воведен говор, но всушност не кажа ништо важно.

Сепак, еден ден подоцна, фокусот е на реакциите на делегатите од неколку асоцијации под покровителство на УЕФА и обвинувањата кон Инфантино од страна на Европската фудбалска централа.

Голем број делегати од европските асоцијации протестираа и ја напуштија салата по поздравниот говор на претседателот на ФИФА и не учествуваа во работата на групите што ги презентираа годишните извештаи. Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ја напушти салата, а по него следеа претставничката на Англиската фудбалска асоцијација, Деби Хјуит, и претседателката на Норвешката фудбалска асоцијација, Лис Клавенес.

Инфантино минатата недела имаше средби со американскиот претседател Доналд Трамп, престолонаследникот на Саудиска Арабија и емирот на Катар. Иако е јасно дека овие состаноци се важни, не е сосема јасно како дошло до тоа Инфантино да доцни со пристигнувањето во Парагвај.

Редовните конгреси на ФИФА се закажуваат една година однапред.

Инфантино постојано се извинуваше за неговото доцнење што предизвика одложување на самиот Конгрес, но тоа очигледно не беше доволно.

И неговото извинување не беше баш вистинско извинување: „Мојата одговорност, како претседател на ФИФА, е да донесувам одлуки што се во најдобар интерес на организацијата што ја водам. Чувствував дека треба да бидам таму за да го претставувам фудбалот и сите вас“.

УЕФА го обвини првиот човек на ФИФА дека ги става „своите приватни политички интереси“ пред своите одговорности кон фудбалот.

Во невообичаено остра изјава, УЕФА изјави дека одложувањето на распоредот за Конгресот е длабоко разочарувачко.

-Конгресот на ФИФА е еден од најважните состаноци во светот на фудбалот, состанок на кој сите 211 земји дискутираат за прашањата и теми што влијаат на нашиот спорт низ целиот свет. Нашиот домаќин, Парагвајската фудбалска федерација и нашите партнери КОНМЕБОЛ, вложија големи напори да организираат сè, да бидат домаќини на 211 делегати и им благодариме за нивното гостопримство. Но, менувањето на распоредот во последен момент затоа што поединец размислува за своите приватни политички интереси не ѝ прави никаква услуга на играта и се чини дека ги става интересите на фудбалот на втор план. Сите сме тука да му служиме на фудбалот, од улиците до подиумот, а делегатите на членовите на УЕФА сметаа дека е потребно да истакнат дека фудбалот е приоритет, како што беа и првично утврдените распореди, соопшти УЕФА по тој повод. дс

Фото: Архива

Остани поврзан