• вторник, 11 јуни 2024

Убедлива победа на Клаудија Шејнбаум на претседателските избори во Мексико

Убедлива победа на Клаудија Шејнбаум на претседателските избори во Мексико

Мексико Сити, 3 јуни 2024 (МИА) - Кандидатката на владејачката левичарска партија, Клаудија Шејнбаум (61) оствари убедлива победа на претседателските избори во Мексико, покажуваат првите официјални резултати објавени денеска од Национален изборен институт (ИНЕ).

-Поранешната градоначалника на Мексико Сити освои меѓу 58 и 60 отсто од гласовите, покажуваат официјалните резултати од примерокот, изјави Гвадалупе Тадеи, претседател на Националниот изборен институт, пренесе Бета.

Нејзината опозициска противкандидатка, поранешната сенаторка од десниот центар. Чочитл Галвез, на овие избори, кои се одржуваат во еден круг, освои 26 до 28 отсто од гласовите, изјави претседателот на Институтот.

На третото место е Хорхе Алварез Мајнес, кој доби меѓу девет и 10 отсто од гласовите.

-Нема да ве разочарам, вети Шејнбаум во својата прва телевизиска изјава по објавувањето на првите делумни официјални резултати, според кои постигна убедлива победа на вчерашните претседателски избори.

„Ќе станам првата жена претседател на Мексико“, рече таа во обраќањето до своите поддржувачи и објави дека нејзината партија Движење за национална обнова (Морена) освоила „квалификувано мнозинство“ во Конгресот.

Кандидатката на владејачката партија водеше кампања за продолжување на политичкиот курс воспоставен од нејзиниот политички ментор, претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор, во последните шест години.

Како негов назначен наследник, 61-годишната Шејнбаум водеше жестока кампања и покрај силниот предизвик од Галвез. Ова беше првпат во историјата на Мексико двајцата главни ривали во претседателската трка да бидат жени. сд/

фото:ЕПА

 

Остани поврзан