• четврток, 04 декември 2025

Уапсен игумен во Грција додека се обидувал да продаде византиски реликвии за 200.000 евра

Уапсен игумен во Грција додека се обидувал да продаде византиски реликвии за 200.000 евра

Атина, 8 септември 2025 (МИА) – Игуменот на грчкиот манастир Успение на Пресвета Богородица на Пелопонез и неговиот помошник биле уапсени додека се обидувале да продадат десетина византиски икони и две евангелија за 200.000 евра, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, грчката полиција спровела акција и игуменот бил уапсен во моментот кога се обидел да ги продаде византиски реликвии на полицаец кој се претставил како купувач.

Во случајот, освен игуменот и неговиот помошник, уапсени се уште четири лица, кои биле вмешани во продажбата.

Грчките медиуми објавија дека двете евангелија се од 1737 и 1761 година, а Министерството за култура на Грција ќе ги истражи реликвиите за да се процени нивната религиозна и трговска вредност.

Манастирот Успение на Пресвета Богородица, познат и како манастир Мега Спилео (Голема пештера) се наоѓа во Калаврита, во северниот дел од Пелопонез, изграден на отворот на голема пештера, а старите традиции го припишуваат основањето на манастирот на солунските браќа монаси Симеон и Теодор и го поврзуваат со чудесното наоѓање на познатата икона на Пресвета Богородица во пештерата во 362 година. ср/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан