• понеделник, 20 мај 2024

Туск: Непростлива грешка ако Унгарија ја спречи Шведска да влезе во НАТО

Туск: Непростлива грешка ако Унгарија ја спречи Шведска да влезе во НАТО

Варшава, 19 февруари 2024 (МИА) - Полскиот премиер Доналд Туск денеска по разговорот со шведскиот премиер Улф Кристерсон во Варшава изјави дека би била непростлива грешка доколку Унгарија стави вето на влезот на Шведска во западниот воен сојуз.

„Би било непростлива грешка ако една земја членка на НАТО блокира друга држава која сака активно да работи во интерес на нашата заедничка безбедност. Шведска може да смета на Полска“, рече Туск на прес-конференција.

Полскиот премиер рече дека со Кристерсон разговарал за безбедносни прашања, особено за Балтичкото Море, што е заедничка обврска на Шведска и Полска.

„Имаме ист став кон руската агресија врз Украина. Не знаеме какви ќе бидат сценаријата, но знаеме дека Европа, САД, целиот пакт НАТО мора да бидат солидарни, одговорни и да дејствуваат рамо до рамо. Нема простор за сомнежи и нелојалност“, изјави Туск.

Кристерсон апелираше Европската унија да воведе нов пакет санкции против Русија поради рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, за чија смрт тој го обвини, како лично одговорен, рускиот претседател Владимир Путин.

„Путин мора да биде изведен пред лицето на правдата. Живееме во нова реалност, оптоварена со опасност и мора да ја засилиме нашата одговорност за безбедноста и да го зголемиме производството на оружје“, рече Кристерсон.

Премиерите разговараа и за зајакнување на соработката во спречувањето на миграцискиот притисок на границата со Русија и Белорусија.

„Заштитата на нашата граница со Русија и Белорусија е исто така дел од нашата одбрана како таква, бидејќи и двата режима ја користат илегалната миграција како ново, специфично оружје на хибридна војна“, рече полскиот премиер. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан