• недела, 22 декември 2024

Турција и уште 53 земји испратија писмо до Советот за безбедност со барање за прекин на испораките на оружје за Израел

Турција и уште 53 земји испратија писмо до Советот за безбедност со барање за прекин на испораките на оружје за Израел

Анкара, 3 ноември 2024 (МИА) - Турција заедно со уште 53 земји испрати писмо до Советот за безбедност на ООН со барање за итни дејствија за прекин на доставувањата на оружје и муниција за Израел. Ова денеска го соопшти турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, пренесува Анадолија.

Писмото, составено по иницијатива на Турција, е потпишано од 52 држави и две меѓународни организации.

- Треба при секоја можност да повторуваме дека продажбата на оружје на Израел е исто така соучество во геноцид, рече Фидан на прес-конференција во Џибути, каде учествуваше на третата министерска конференција за преглед на партнерството Турција-Африка.

Турскиот министер за надворешни работи истакна дека израелската влада на Бенјамин Нетанјаху станала „глобална закана“ и повика сите земји да спречат Израел да го игнорира меѓународното право.

Фидан исто така рече дека сегашниот глобален систем не обезбедува решение. „Овој систем, кој ја репродуцира историската неправда“, треба да се промени, додаде турскиот министер за надворешни работи, нагласувајќи дека „оваа неизбежна трансформација ќе се случи под лидерството на африканските земји, кои сегашниот меѓународен систем ги игнорира“. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан