• среда, 20 ноември 2024

Трстена за МИА: Успесите не доаѓаат од небо, туку со пожртвуваност и напорна работа дење и ноќе, по дожд и снег

Трстена за МИА: Успесите не доаѓаат од небо, туку со пожртвуваност и напорна работа дење и ноќе, по дожд и снег
Скопје, 23 јануари 2021 (МИА) - Успесите не се постигнуваат со зборови или реклами, ниту со политика, туку со жртва и работа дење и ноќе, на дожд и снег. Овие успеси не се добиваат на лотарија. Не! Не доаѓаат од небото, да ти речат „Еве повелете медал или награда затоа што ти си најдобар спортист“. Овие успеси во тешки услови дојдоа со големо жртвување, работејќи напорно. Освен дење, јас сум трчал и во ноќните часови. Кога моите другари се враќаа од дискотеки околу полноќ, јас сум излегувал да тренирам, вели во интервју за МИА поранешниот борач во слободен стил Шабан Трстена. Трстена е освојувач на златен медал на Олимписките игри во 1984 година во Лос Анџелес и на сребрен медал на Олимпијадата во 1988 година во Сеул. Тој беше европски шампион во 1984 и 1991 година, освојувач на сребрени медали на првенствата во 1983, 1985 и 1986 година и бронзени во 1982 и 1988 година. Прогласуван е за „Спортист на 20. век“ во нашата држава, седум пати за „Спортист на годината“ на Македонија, 10 пати за „Најдобар спортист“ на Град Скопје и еднаш за „Најдобар спротист“ на поранешна СФР Југославија. Зборувајќи за условите што ги имал за постигнувањето на големите успеси, Трстена се потсетува дека во негово време тренинзите ги изведувале во салата на некогашниот хотел „Сарај“. Тој посочува дека многу често биле принудени да ги прекинуваат тренинзите, бидејќи им ги отстранувале душеците за вежби велејќи им дека во таа сала на ресторанот се одржуваат и свадби. Трстена во интервјуто зборува и за денешните услови на новите генерации на спортисти, зошто активно не е вклучен како тренер или селектор, за политиката во спортот, за неговиот филм и книга, како и за многу други теми. Господине Трстена, можете ли да ни кажете какви беа условите под кои го освоивте златниот медал на Олимписките игри во Лос Анџелес во 1984 година и како гледата на сегашната состојба во спортот, особено во борење и новите генерации на спортисти? - Шабан Трстена не порасна во богато семејство, во семејство каде имало министри и пратеници, туку во едно сиромашно семејство, во тешки услови и во една неурбанизирана населба. Кога велам тешки услови, кога правам споредба со тоа време, ден денес се чудам како можев да постигнам толкав голем успех. Од една неурбанизирана населба, од едно сиромашно семејство, да постигнеш големи успеси на пет континенти. Успесите не се постигнуваат со зборови или реклами, ниту со политика, туку со жртва и работа дење и ноќе, на дожд и снег. Овие успеси не се добиваат на лотарија. Не! Не доаѓаат од небото, да ти речат „Еве повелете медал или награда затоа што ти си најдобар спортист“. Овие успеси во тешки услови дојдоа со големо жртвување, работејќи напорно. Освен дење, јас сум трчав и во ноќните часови. Кога моите другари се враќаа од дискотеки околу по полноќ, јас сум излегувал да тренирам. Човек се жртвува за да го смени животот. Не само јас, туку секој кој живее под тешки услови, се жртвува за да го смени животот. Благодарение на Господ, моите сништа не останаа само желба, туку се остварија. Понекогаш велам, знам дека некој нема да се сложи, но јас ги надминав и моите сништа. Пораснав во време на најврвниот спортист во светов, Мохамед Али. Тој беше мојата најголема мотивација. Во тоа време кога имав 10-11 години, си велев сакам да бидам како Мохамед Али, но тој човек живеел во држава каде беше почитуван. Ние во тоа време го имавме само хотел “Сарај“, тоа не беше сала. Често во салата на ресторанот, каде трениравме, бевме принудени да го прекинеме тренингот, бидејќи ни ги отстрануваа душеците за вежбање, оти требаше да се одржи свадба. Двајца големи луѓе беа со мене во тоа време секогаш, Хајруш Синани и селекторот Насе Насев. Овие две личности беа со мене 20 години, секоја секунда и секој час, во секоја победа и секој пораз и знаеја дури и како дишам. Јас дури се нервирав зошто овие двајца не ме праќаат на светски и европски првенства до 19-20 години, а нивната цел била, сега кога ја подготвував книгата ми кажаа, силните држави како Америка, Русија, Иран, Јапонија, Бугарија и други земји, да не ги откријат моите техники, моите слабости и мојата сила и така кога ќе се натпреварував во сениорска конкуренција, секако дека тие би ми ги откриле од анализите преку снимки од камерите и јас би изгубил. На 15-годишна возраст, два-три месеци престојував во Русија и си велев во себе каде е моќта и силата на руските олимписки шампиони, кои секогаш победуваат во разни првенства. Видов дека нема никаква разлика меѓу мене и нив, туку едноставно со работа и волја ги постигнуваат големите успеси. Многу се важни подготовката и волјата, а не среќата, затоа што среќата може да помогне еднаш или два пати, но не можеш цело време да победуваш на среќа. Да бидеш шампион на 19 години не е едноставно, ден денес не е урнат мојот рекорд како најмлад победник на Олимписките игри. Едно дете од сиромашна населба и сиромашно семејство направи историја, што значи дека никој веќе 126 години не може да го урне овиј рекорд. Секогаш ми велат дека секој шампион има лавовско срце. Но, не, не може секој. Јас водев борба со самиот себе. Зошто? Бидејќи слабеев по 12 килограми, од 64 на 52 килограми за да учествувам на натревари. Овој процес можеби траеше два месеци, но сепак успесите не изостануваа. Додека сегашните генерации, иако можеби многу побргу ги симнуваат килограмите, резултатите изостануваат. И кога слабеев, губев енергија, јас сепак излегував на мегдан да се борам со Американците и Русите, за кои се грижеа доктори, им правеа разни контроли, за притисок, крвна слика, додека јас бев сам и во рацете на Господ. Ние веќе 35 години немаме поситгнато олимписка норма, иако условите се многу подобри. Поминаа толку години и се уште не излезе некој да постигне олимписка норма. Нашите олимписки норми се подарок наречен „вајлд кард“. Тоа значи дека кога една држава или нација не е способна тоа да го постигне со пот, работа и пожртвуваност, Олимписката федерација ти дава подарок - „вајлд кард“. Од 1962 година, натпреварувачи од нашата држава секогаш учествувале на Олимписките игри, но тоа учество секогаш е добиено со пот и работа, а не како подарок. Велите дека во денешно време спортистите имаат добри услови, но сепак резултатите недостигаат? - Да, денес сите имаат добро услови. Тие што го велат спротивното, лажат и се манипулатори. Денес има сали во секое село и во секој град. Некои лица, кои се самонарекуваат професори и доктори, им штетат на младите спортисти. Веќе 20 години раководителите на боречката федерација работат со клубовите и иако се тесно поврзани со власта и партиите, сепак не успеваат да постигнат резултати. Успеси има само во младите категории, но тоа не е доволно. И во други спортови, во младинските категории имало европски и светски шампиони, но кај се тие денеска. Сега не се никаде, затоа што се откажале, затоа што немале волја да продолжат понатаму со други успеси. Додеја, јас продолжив донесувајќи многу медали и повторно не ми се смени животот. Дури и јас самиот понекогаш се чудам како успеав да постигнам толкав успех во такви услови. Да ги имав денешните услови што ги имаат сегашните спортисти, не знам што уште би направил. Кина и Индија со околу 1,5 милијарди жители, се уште немаат олимписки шамиони во борење. Ние повеќе ги почитуваме тие што не постигнуваат врвни резултати и тие што се наоѓаат на државни функции. Секој градоначалник, министер, Агенцијата за млади и спорт им помагаат на спортистите и клубовите со стипендии, пензии, средства... Но, за жал, веќе 35 години немаме олимписка норма. Ние го уништивме борењето со ангажирање на странски борачи и се гордееме со тоа. Каква гордост е тоа? Треба да се срамаат со тоа што го прават. Ние со никакви услови постигнувавме врвни резултати и успеси, додека денес со подобри услови немаме борачи. Се сме уништиле. Сега останаа само пофалните зборови, но тука најголеми виновници се новинарите што некои спортисти иако не постигнаа ништо, ги зголемуваат нивните успсеси. Кога треба да се прогласи најдобар спортист на Македонија, пишува дека учествувал во тоа или она првенство, но немаат освоено медали, имаат само учество. Во последните 10 години од боречките вештини, само карате спортот има постигнато поголеми успеси и медали на шампионатите. Може да постигнете успех, бидејќи Шабан Трстена не е незаменлив. Нормално е тешко, но секој може да постигне успех ако работи напорно, со посветеност, пожртвуваност, покрај талентот што го има личноста. Сите сме таленти, но зошто тогаш не станавме сите шампиони. Каде е борењето денес? Порано имавме борачи, денеска ги нема ниту во Радовиш, Кочани и Штип. Екипите на овие градови учествуваат во натпревари едни со други со двајца или тројца борачи, ги земаат дури и најстарите борачи само за да го пополнат бројот. Ова не е добро. Боречката федерација обезбеди услови за другите клубови со спортски сали, душеци и спортски елементи, додека јас овие услови не сум ги видел ниту на сон. Мора да работите со клубовите. За да постигнете нешто треба да се жртвувате, мора да имате дисциплина во себе. Јас секогаш одев во Сарај на тренинг. Додека, денес родителите своите деца ги носат на тренинг со автомобили. Сакав да бидам подобар од Асан и Драган, сè постигнав со работа, а не со љубомора и празни зборови. Меѓу 12 илјади гледачи среде Америка ги совладував противниците од различни земји. Не отидов таму да се сликам, да сe шетам или само да учествувам, туку бев подготвен за да победам. А не како во денешно време, кога повеќето спортисти одат само да се сликаат. Три пати сум бил медитерански шампион и немам ниту една фотографија од тој шампионат, затоа што отидов да победам, а не да се сликам. Во денешно време, спортистите се борат само да добијат медал и со тоа да си обезбедат пензија, а не за повеќе успеси. Зошто одлучивте да се занимавате токму со борење? - Во тие тешки услови, немавме можност да се занимаваме со спортови што се помодерни или луксузни, како тенис, фудбал, ракомет или пливање. Тие се многу полуксузни спортови. Морав да изберам борење, иако тоа е многу тежок спорт. „Виновникот“ за сите овие успеси е мојот брат. Го гледав како тогаш вежба во салата „Партизан“ во Чаир,каде во тоа време тајно тренираше, затоа што татко ми беше против овој спорт. Големо и сиромашно семејство и се плашеа дека ќе се повредиме. Имавме голема волја и желба, дури во овој случај еве не го почитувавме ни нашиот родител. Од салата „Партизан“ се преселив во боречкиот клуб „Лирија“, на кој му го прославив името и беше прогласен за еден од најдобрите и најуспешните клубови во поранешна Југославија. Седум пати бев прогласен за спортист на Македонија, 12 пати за спортист на Град Скопје. Земајќи ги предвид овие сегашни добри услови, кој спортист е прогласен за најдобар толку пати? На 10 август минатата година поминаа 36 години откако го освоивте златниот медал во Лос Анџелес. Може да ни кажете дали државата организираше некаков прием кога се вративте од таму? - Со сите големи успеси и победи, станав олимписки шампион и само 20 луѓе излегоа и ме чекаа, и тоа моето семејство и некои спортски новинари. Немаше друга поголема организација од државата, како што сега им се прави на спортистите, иако учествуваат на шампионати и се враќаат без медали. Само Алуш Хамиди во тоа време имаше парола „Добредојде шампиону...!“. Иако никој не организираше прием, јас не се предадов и продолжив да постигнувам други успеси. Во 1988 година државата наводно ми подари стан, но во 1992 година ми го одзедоа. И тогаш морав да го купам станот, иако го имав како подарок од државата, како награда за титулата. Некои деца од удбаши излегоа да ме нападнат со написи на нивните страници по социјалните мрежи. Но, каде беа родителите на тие удбаши, зошто тие никогаш не излегоа да ме пречекаат по моите големи победи? Но, во тоа време не се осмелуваа ни да зборуваат албански. Во 2016 година беше објавена монографијата „Патот на олимпискиот шампион“ од авторите Сефер Тахири и Решат Ибраими? Можете ли да ни кажете нешто повеќе за оваа монографија? - Идејата за овој филм дојде од мојот син Илир. Тој беше на 19-годишна возраст и ми дојде со предлог дека треба да се прави филм и ми подари диктафон. Јас на изненадување му реков да не изгледам како спортски новинар за да земам изјави. Тој ми рече: "Да, тато, ти ќе бидеш новинар на себеси и тука ќе ја раскажеш целата твоја историја. Сакам да ти направам книга“. По десет дена научив да го употребувам диктафонот, почнав да зборувам. Зборував снимени 80 часа. Кога завршив со раскажувањето на мојата приказна, му ја предадов на син ми и тој ми рече дека ова дело е завршено, сега ќе најде писател што ќе ја направи книгата. На оваа книга се работи веќе четири години и има 500 страници. Целата книга е објавена без помош од никого, ниту од државата, ниту од спонзори, ниту од партии, туку само од мене и мојот син Илир. Во книгата има многу работи од кои ќе се срамат и по 100 години оние луѓе кои нè водеа и какви измамници биле. За жал, и некои професори сметаат дека пред Шабан Трстена имаше олимписки шампион од овие простории. Во мојата енциклопедија имам напишано кои се олимписки шампиони од 1896 до 2012 година. Направив енциклопедии на светски шампионати од почетокот во 1950 година до 2015 година. Во оваа енциклопедија ги вклучив и победниците на европски и медитерански шампионати. Работам на книгата да и додадам уште 40 страници за да го вклучам и делот од филмот и другите случувања од објавувањето на книгата. Можете да ни кажете нешто повеќе за документарниот филм за вас - „Кобра“, чија премиера беше во 2018 година? - Документарецот е во режија на Игор Иванов-Изи. Сашко Насев е сценарист, во соработка со мене, додека продуцент е Тони Салковски и продукцијата „Скопје студио филм“. Овој филм ги опфаќа мојот живот и дело. Станува збор за приказна за единствениот спортист од Северна Македонија кој има освоено златни медали на Олимпијада и чии успеси никогаш не биле признаени од политичките власти и општеството. Во филмот се појавуваат: Хајруш Синани - тренер, Насе Насев - поранешен селектор на боречката репрезентација, Зоран Михајлов - експерт за борење, Милош Вучидолов - лекар, Васил Тупурковски - поранешен претседател на МОК, Зоран Шоров - борач, Ферид Мухиќ - филозоф и членови на моето семејство. Режисерската екипата на филмот не ја познавав. Тие сами ми се јавија и ми рекоа дека се заинтересирани да снимаат филм за мојот живот. Веднаш им кажав како можете вие што никогаш не сте се занимавале со спорт и не сте биле близу мене, да снимате филм за мене. Ми рекоа дека не биле близу до мене, но дека знаат многу работи за мене. Тие виделе дел од моето интервју за Телевизија Телма пред 15 години кога зборувам за успесите, за Скопје, за мојота населба тогаш, тие прочитаале и дел од моето интервју за еден турски весник. Работевме на филмот година и повеќе. Во филмот докажав дека и покрај тоа што по припадност сум Албанец, јас ја претставував мојата држава Македонија, бидејќи од Кина и Јапонија не знаат дека Шабан Трстена е Албанец, што потекнува од Македонија. Од 2017 година традиционално доделувате Златни олимписки оскари? Можете да не информирате повеќе зошто се одлучивте да ги доделите овие Оскари? - Се одлучив овие Оскари, четири години по ред, да им ги доделувам на личности, инситуции и новинарски куќи кои ја следеле и ја помогнале мојата богата кариера. Овие Оскари се една форма на благодарност за тие што направиле многу за мене. Секако дека нема шанси да се одбегне и политиката. Колку политиката е вмешана во спортот, а особено во борењето? - Секако дека политиката е поврзана со сè во државата. Владата и Агенцијата за млади и спорт секако дека им помагаат на спортистите, но тие не ве прават шампион. Секој градоначалник помага во сите аспекти на спортот, но не може да ве направат шампион. Самите спортисти треба да работат. Радоводители и челниците на клубовите мора да преземаат одговорност. Ние велиме дека спортот треба да се држи настрана од политиката, но не, спортот отсекогаш бил поврзан со политиката. Сè е поврзано со политика. Спортист кој има талент, интелигенција, техника, подготовка, не треба да оставиме да исчезне, а да дозволиме некој да напредува бидејќи е син на икс личност која е позната или од семејство на личност на државна функција. Можете да ни кажете зошто не сте вклучени активно во Боречката федерација? Зошто не се занимавате активно во пренесувањето на вашите знаења кај младите генерации, како тренер или селектор на репрезентацијата? - Сите челници во Федерацијата направиле многу работа во промената на условите, но сè уште не сме постигнале успех. Тие изгубиле. Оние кои се на раководни позиции се борачи, млади луѓе кои немаат никаква врска со постигнување успех. Тие постигнале успеси за кадети, пионери, но не и за возрасни. Тие ја имаат поддршката од Владата и партијата, а јас не сум еден од нив. Тие изгубиле веќе 20 години. Јас сум единствениот спортист во нашата земја што немал никаква раководна функција, не сум бил ниту тренер ниту селектор и ниту една друга функција. Тие што биле на раководни функции се бедници и го уништиле целото борење. Јас не бев таков, затоа што мојата сила и знаење беа сосема други. Тие челници само го уништиле борењето само за да придобијат за себе, а не за да направат нешто за борењето. Јас бев многу поразличен, сакам работа и коректност и не сум ги сретнал овие работи. Никогаш не ми е дадена можност да бидам на раководна позиција. Без помош на државата и луѓето на власт не можете да направите ништо. Во ова време во кое сме, немаш сила и не можеш да направиш ништо без луѓето на власт. Завшрило времето кога само со волја постигнувате успеси, кои јас ги имам постигнато. Имав дух и стратегија, но сега е доцна затоа што поминаа 20 години и за толку години колку генерации исчезнале. Дури и Косово се гордее само со жени спортисти, машките спортисти исчезнале. Дали мислите дека Македонскиот олимписки комитет (МОК) треба да се трансформира за да биде многу поактивен орган? - Македонскиот олимписки комитет треба да се трансформира за да биде многу поактивно тело. Некои промени започнаа. Треба повеќе да се гледа реалноста. Кога новинарите од поранешна Југославија ми поставуваат прашања за разликата на Македонија во тие времиња и денеска во однос на успесите, морам да им кажувам дека 30 години не сме постигнале големи успеси и немаме медали, иако е срамота тоа да се каже. Хрватска, Србија, Словенија, Косово освојуваат медали. Сите овие држави имаат медали, само ние немаме. Северна Македонија е горда на медали на Руси. Тој Русин ниту живее ниту останува тука, ништо не го поврзува со оваа земја и од Русија оди и се бори во името на нашата држава и ние се гордееме. Ова е голема срамота. И во Олимпискиот комитет се случило кога наместо на поуспешни лица да им се додели стипендија, напротив им се доделени стипендии на некој друг кој не бил толку успешен и талентиран само затоа што бил член од познато семејство или семејство што имале функционери. Можете да ни кажете како ги пребродивте карантинските денови, односно колку тешки беа тие денови за вас како спортист? - Во март кога се појави епидемијата, тоа беше нешто непознато за нас, и целиот свет се затвори. Се соочувавме со непознат непријател и според правилата на државата, моравме да се прилагодиме на нив. Нормално, тоа многу влијаеше на нас спортистите, особено на младите, откако беа откажани натпревари во многу шампионати и олимпијади. Јас, како некогашен спортист, повторно ја имав таа волја за да се справувам со карантинските ситуации. Многу време поминав работејќи на уредувањето на дворот и со други активности. Генерално, ние како народ сме навикнати да се соочуваме со мали и големи проблеми. Постојано апелирав за носење на маски, за одржување на физичка дистанца итн. Кога ќе ви се спомне Скопје, кои мисли и слики ви се појавуваат? - Јас и донесов многу и ја подигнав својата татковина, сите тие медали и победи. Што е посебно во Скопје? Скопје има голема историја, која ја нема ниту Косово, ниту Албанија. Мала земја, но која постигна многу успеси. Историјата на нашата нација ја напишав јас - олимпискиот шампион, Шабан Сејдиу и Азиз Салиху. Ние тројцата спортисти на Скопје му донесовме пет медали. Исто така, Скопје е посебно како родно место на големата хуманистка во светот, Мајка Тереза. Скопје е моето место на раѓање, пораснав тука и уште продолжувам да живеам тука до мојот последен здив. Откако станав олимписки шампион, иако ми беше понудено да бидам борач на многу поразвиени држави, јас се одлучив да живеам и творам во мојот роден град. Фатиме Фазлији Фото: Фросина Насковиќ

Остани поврзан