• петок, 22 ноември 2024

Тркалезна маса за вклученост на лицата со попреченост во политиката: Партиите немаат функционери со попреченост

Тркалезна маса за вклученост на лицата со попреченост во политиката: Партиите немаат функционери со попреченост

Скопје, 7 декември 2023 (МИА) – Политичките партии генерално се запознаени со правата на лицата со попреченост, но немаат функционери со попреченост, оценија учесниците на денешната тркалезна маса на тема „Политичко учество на лица со попреченост“ одржана во Собранието на Република Северна Македонија.

Александра Крстевска од Национален демократски институт (НДИ) посочи дека политичките партии покажале отвореност да се запознаат подобро со начинот на кој може да ја вклучат повеќе оваа заедница во политичката сфера.

-За поздравување е дека скоро сите партии со кои бевме во комуникација направија делумно или целосно редизајнирање на нивните веб страници со цел да бидат попристапни за лицата со попреченост, односно да ставаат документи до кои лицата со попреченост полесно ќе можат да стигнат, истакна Крстевска.

Благица Димитровска, претседателка на НВО ИНКЛУЗИВА рече дека постојат низа проблеми за оваа заедница кои имаат потреба од системско решавање.

-Ние како здружение увидовме дека постојат низа проблеми за кои треба системско решавање. Првенствено нашата законска рамка е неусогласена со членовите од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, овие лица не учествуваат во изборниот и политичкиот процес, затоа што има пречки во уставот и во многу други закони, а таквиот оснос се забранува со Конвенцијата, кај нас ниту еден чекор не е направен, оцени Димитровска.

Додаде дека лицата со попреченост го сочинуваат 15 проценти од населението и дека тоа не е мал број на гласачи, посочи дека би имало подобри системски решенија кога во секое тело би имало лице со попреченост.

Халил Снопче, заменик-претседател на ИППГ за правата на лицата со посебни способности во своето обраќање ја истакна важноста од политичкото учество на лицата со попреченост.

-Како парламентарна група ние се водиме од желбата и потребата за унапредување на лицата со посебни способности. Без разлика дали се работи за филантропија, лична засегнатост или обид за самопромоција. Основниот постулат на кој почива оваа група е да не биде претворена групата во инструмент за надмудрување и меѓупартиска борба, истакна Снопче.

Додаде дека лицата со попреченост треба да бидат повеќе приклучени во политичките кампањи и други активности и гласот на овие лица да биде многу повеќе слушнат.

-Правото на рамноправно учество во изборните процеси за лицата со попреченост – да бидат гласачи, кандидати, членови на изборни органи или набљудувачи – е од особена важност за обезбедување демократски изборен процес кој ги исполнува критериумите за етика и интегритет. Потребни се подобри политики и практики за поголема вклученост на лицата со попреченост во политичкиот живот, односно воведување на позитивни афирмативни мерки, рече тој.

Според Снопче, правото на политичко учество е основен аспект на секое демократско општество. 

-Тоа е право кое треба да биде достапно на сите граѓани, независно од физичките или когнитивните способности што тие ги имаат. За жал, лицата со попреченост често се соочуваат со бројни пречки што го ограничуваат нивното целосно и ефикасно политичко учество, изјави Снопче.

Тркалезната маса се одржа во организација на Парламентарниот институт во соработка со Интерпартиската парламентарна група (ИППГ). свс/ев/

Фото:МИА

Остани поврзан