• сабота, 21 декември 2024

Три нови е-книги на ЦД во издание на Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА

Три нови е-книги на ЦД во издание на Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА
Скопје, 14 ноември 2022 (МИА) - Македонскиот центар на Интернационален театарски институт/ПРОДУКЦИЈА ги издаде последните три е-книги на ЦД кои се дел од активностите на годишниот проект „Драмски инверзии“, поддржан од Министерството за култура. Тоа се: „еАнтологија на домашни драмски текстови – Јас не сум мртов, болен и славен“, „Четири драми“ на Симона Семенич (Словенија – 1. убавите види, убаво горат, 2. 1981, 3. ти си чудо, 4. тоа јаболко, златно) и „Три драми“ на Филип Груиќ (Србија – 1. Таму каде што пеат, 2. Не пред 4:30, ниту после 5:00, 3.Вилицата на Ибен Бајерс). Како што информира Македонскиот центар на Интернационален театарски институт/ПРОДУКЦИЈА, во „еАнтологија на домашни драмски текстови – Јас не сум мртов, болен и славен“ се застапени 12 домашни автори и 13 авторки. Тоа се Ана Стојаноска, Катерина Момева, Калина Малеска, Ева Камчевска, Ана Трпеноска, Лидија Дамјановска, Изабела Јакимова, Маја Стевановиќ, Габриела Стојаноска-Станоеска, Христина Ѓоргиевска, Сузана Ѓорѓиевска, Елена Пренџова, Ивана Нелковска, Митко Бојаџиски, Марјан Анѓеловски, Мирко Видоески, Венкo Андоновски, Трајче Кацаров, Васил Михаил, Филип Вачков, Сашо Блажески, Стефан Марковски, Томислав Османли, Гоце Ристовски и Ѓорѓи Спасов. - Во е-антологијата застапени се 25 домашни познати и непознати автори; со поставени и непоставени драмски текстови, со објавени и необјавени драмски текстови. Насловот „Јас не сум мртов, болен и славен“ е реакција на фактот дека домашните автори не се поставуваат на домашните театарски сцени, дека не постои континуитет туку инцидент на поставка, дека не постои стратегија за развој и видливост на современата драматика ... и дека оваа состојба на статус кво и инцидент на привидност мора да се смени, информира Македонскиот центар на Интернационален театарски институт/ПРОДУКЦИЈА.     Издадена е „Четири драми“ на Симона Семенич, (Словенија – 1.убавите види, убаво горат, 2.1981, 3.ти си чудо, 4.тоа јаболко, златно), а преводот е на Иванка Апостолова Баскар (вклучувајќи ја и театарската илустрација). Симона Семенич пишува феминистички драмски текстови (но нестереотипни и спонтано ангажирани – типично за правите, вистинските уметници) таа своите драмски текстови ги пишува без големи букви, нејзиниот правопис е малцински – сите текстови се напишани со мали букви. Нејзиниот стил е силно препознатлив, таа е иновативна и во однос на дидаскалиите кои на креативен начин варијабилно ги вклучува во наративното дејство, обраќајќи им се на сценските техничари и режисерите. Нејзините теми се различни, богати и широки, непредвидливо раскажани – од реконструкција на години и начин на живот, говор, типови на луѓе, ситуации ... во СФРЈ, се вели во соопштението. Симона Семенич (1975) е драмска авторка, перформерка и едукаторка. Дипломирала на АГРФТ (Академија за театар, радио, филм и телевизија) во Љубљана, Словенија. Таа е добитничка на највисоката национална награда „Прешерн“ за уметнички достигнувања. Таа е трикратна добитничка на наградата „Грум“, национална награда за најдобар драмски текст (2009 - 5момчиња.сл; 2010 - 24 часа; 2015 – седум готвачи, четири војници и три софии). Нејзините драми се преведени на дваесет и два јазика, објавени се и поставени се во повеќе земји во Европа, САД, Јужна Америка и Средниот Исток. Таа е авторка на повеќе наградени и номинирани драмски текстови: ние европските мртовци; вторпат; 43 среќни завршувања; ти не си заборавил, ти повеќе не се сеќаваш; јас, жртвата; небото; опуштена и многу други. Издадена е и „Три драми“ на Филип Груиќ (Србија – 1.Таму каде што пеат; 2.Не пред 4:30, ниту после 5:00; 3.Вилицата на Ибен Бајерс), во превод на Иванка Апостолова Баскар. Се работи за театарски фото-илустрации во дигитална изложба на Ѓорѓи Крстески Ф.Ф.,монтажа на Михаило Апостолов. -Филип Груиќ во своите драмски текстови пишува за кризите на младиот, современ маж; пишува за новодобните недоразбирања и разидувања помеѓу мажите и жените; тој пишува за кризата на мажественоста; за изгубените идентитети, за препотентната индивидуалност и современите родови без биолошка и лична перспектива. За современиот младински брејн-дрејн, се наведува во соопштението. Филип Груиќ (1995) е дипломиран драматург, живее и работи во Белград и Нови Сад. Тој е автор на драмски текстови и романи. Добитник е на Стериина награда за драма (не пред 4:30, ниту по 5:00); награда Слободан Селениќ; награда Михиз за драмско создавање. Пишува текстови за Филмоскопија и Нови магазин у култури. Свири во бендот „Цимерке“. мд/ац/

Остани поврзан