• недела, 22 декември 2024

Трипуновски: Во Македонија ќе влегува само безбедна и квалитетна храна

Трипуновски: Во Македонија ќе влегува само безбедна и квалитетна храна

Скопје, 3 септември 2024 (МИА) - Граѓаните треба да бидат спокојни бидејќи во Македонија ќе влегува само безбедна и квалитетна храна. Нема да се случува како во минатото да влегува небезбедна храна, е пораката што вечерва ја упати министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Тој појасни дека во фитосанитарен систем и безбедност на храна има повеќе институции со кои менаџираат, а тоа се Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство, Државната фитосанитарна лабораторија и, како што рече, Министерството како креатор на политиките. 

- Ние ќе ја вратиме довербата кај граѓаните. Овие институции ќе работат во рамките на своите надлежности. Никој не треба да биде загрижен, истакна меѓу другото министерот Трипуновски во „Вести плус“ на Канал 5 телевизија.

Додаде дека ќе се контролира што влегува во државата и каква храна јадат граѓаните.

Од наредна година, најави министерот Трипуновски, ќе се обезбедат зголемени средства во делот на мониторинг програмите, што значи и контрола на тоа што влегува во Македонија. Нормално, потенцира, согласно законските обврски и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство и инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство работат на тоа што влегува во Македонија. 

- Во овој сегмент ќе правиме и регулација за да си го заштитиме и нашето домашно производство. Ние нема да забраниме увоз на земјоделски производи меѓутоа ќе контролираме дали и со каков квалитет влегува во нашата држава, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. цр/лв/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан