• понеделник, 13 мај 2024

Трибина на ДС: Системски реформи - борба против организираниот криминал

Трибина на ДС: Системски реформи - борба против организираниот криминал

Скопје, 30 јануари 2023 (МИА) - Експерти од областа на кривично право, антикорупционери и новинари денеска дебатираа за можните подобрувања и придобивките од предлог верзијата на Законот за Агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција на трибината „Системски реформи – борба против организираниот криминал“ во организација на Демократскиот сојуз.

Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, во своето воведно излагање истакна дека главните забелешки на Европската Унија се токму во оваа област и, како што рече, доколку постои искрена намера да се обезбеди побрзо чекорење кон ЕУ, мора да се поведе бескомпромисна пресметка со носителите на организираниот криминал и корупцијата инсталирани во власта.

- Со овој Предлог-закон за Агенција за борба против тешки облици на организиран криминал и висока корупција, се отвора вистинска, а не само вербална војна против организираниот криминал и високата корупција, односно ги реафирмира автентичните општествени вредности и да обезбеди генерална превенција од разорното дејство на организираниот криминал, рече Трајанов.

Според него, една од основните цели на Законот е активирање на „имунолошкиот систем на државата“ и воспоставување генерална превенција преку максимизирање на ризикот за вклучување државни функционери во криминалот.

- Оваа Агенција треба да го открива скриениот имот на носителите на организиран криминал, да иницира постапка со поднесување кривични пријави за кривична одговорност на носителите на јавни функции и други носители на организиран криминал, да предлага конфискација на имот стекнат на криминален начин и забрана на политичко дејствување, лустрација, образложи Трајанов.

Професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Гордан Калајџиев, рече дека формирањето на една нова институција, која што во посебен аспект би го нападнала криминалот и корупцијата, не треба да се сфати како причина да ги запоставиме унапредувањето и на техничкото опремување, обуките и институционалната опременост генерално, како и јакнењето на другите институции, откривачки или оние што се занимаваат со превенција и слично.

Антиокорупционериот Владимир Георгиев од Државна комисија за спречување на корупција зборуваше во насока на тоа дали е потребно вакво ново тело, како што е образложено во Предлог-законот или целите може да се постигнат со зајакнување на постоечките тела кое се поставени со закон но немаат капацитет за непречена работа.

- Генерално, институционалната рамка во државата ги содржи телата традиционално што се борат против корупција, почнувајќи од Јавното обвинителство, односно ОЈО ГОКК, Финансиската полицијата, Полицијата, Бирото за јавна безбедност, Агенцијата за спречување на перење на пари, Управата за јавни приходи и конечни и ДКСК, која пред се е превентивно тело, рече тој.

Претседателката на Транспаренси Интернешнал, Слаѓана Тасева, истакна дека една ваква нова институција „сѐ уште нема да го даде посакуваниот резултат ако и понатаму остане проблемот со правосудниот систем“.

Новинарот Саше Димовски истакна дека е неопходно законот, како таков, да обезбеди офицер за врска кој ќе одговара веднаш.

- Да не ни се случи да добиеме уште една институција која ќе биде во стилот испраќање иницијативи, а со месеци и години да не знаеме што се случува. Оваа институција да има можност во секој момент да дава информации, рече тој.

Димевски потенцираше дека би го поддржал законот само доколку во пакетот се другите системски закони кои што се донесуваат на правосудството.

Според Предлог- законот за Агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, со предвидените законски решенија се овозможува надминување на бројните негативни реперкусии по однос на поткопување економска стабилност на државата, како и конфискација на средства кои биле стекнати со употреба на криминогени активности, со што би се спречиле дополнителни одливи од буџетот на државата и дополнително би се пристапило кон откривање на нелегално стекнатиот имот на носители на јавни функции. ар/сп/

Остани поврзан