• петок, 22 ноември 2024

Трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Велес

Трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Велес

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - Во рамки на акцијата „Ова е Македонија за сите“, ВМРО-ДПМНЕ вечерва во Велес организираше трибина на тема „Развојни политики за стабилна економија“.

Претседателот на ВМРО-ДПНЕ Христијан Мицкоски во своето обраќање на трибината порача дека нашата држава треба да добие фер шанса од Европската Унија, како што имале сите народи и држави, од кои не се барало себеодрекување и кои се охрабруваа и поддржуваа на патот кон ЕУ.

Во однос на лидерската средба, тој рече дека истата треба да биде тековна работа кога се разговара за државните интереси.

-Во државата направија тема од лидерска средба што во суштина треба да биде тековна работа кога се разговара за државните интереси. Се сопнаа и се заглавија на прашањето за форматот на средбата немајќи чувство за состојбата во која се наоѓа Македонија, ниту пак тежината за прашањата за кои мора да се носи одлука, рече Мицкоски.

Според Мицкоски, една суштинска средба за иднината на државата се претвори во борба за перцепција на власта, која е вистински неважна во пресрет на сериозноста на времињата и тешката позиција на државата.  

Претседател на ВМРО-ДПНЕ Христијан Мицкоски  ФОТО/ ВМРО-ДПМНЕ

-Ќе дојдам на лидерска средба и во името на огромното мнозинство на народот кој бара заштита и очекува застанување на нозе, ќе кажам дека уставни измени, прифаќање на бугарски диктат нема да има. Јас нема да дозволам да се прави крпа од волјата на народот како што тоа го прави власта, ниту пак да дозволам да газат по националните интереси. Македонија не е на распродажба, додаде Мицкоски.

Тој напомена дека е клучно да се отвори темата што по неуспехот на уставните измени.

-Се чини дека владата нема никаков план ниту пак говори за тоа. Од друга страна имаме премиер кој е уценет. Имаме премиер кој ДУИ го држи во заложништво, а токму тие се вистинските газди во владата, газди на криминалот и господари на туѓите судбини, додаде Мицкоски.

Градоначалникот на Велес, Марко Колев на трибината укажа дека има започнато низа на проекти, а оти дел од нив се веќе заокружени. Како прв проект, го посочи кејот на реката Вардар во Велес.

-20 години ветувања за овој проект и по неколку месеци макотрпна работа почна да се гради кејот од десната страна за да го затвориме тој проект затоа што Велес заслужува да има кеј, треба да бараме поддршка и од ЕУ зошто има подолг потег кој треба да се заокружи, рече Колев.

Градоначалникот на Велес, Марко Колев ФОТО/ ВМРО-ДПМНЕ

Колев исто така се осврна и на градскиот пазар во Велес кој во еден дел е завршен, а напомена дека акцент е ставен и на инфраструктурата.

-Десет години зборуваме и за пазарот. Во изминатава година се заврши горниот дел, а сега и долниот дел. И Велес ќе има модерен градски пазар. Работиме на патната инфраструктура, бидејќи беше во многу лоша состојба. Планираме 70 до 80 посто да бидат заокружени и за тоа секогаш има работа. Имаме и неколку улици кои ќе се комплетираат и во наредните недели и месеци.  Две улици во многу лоша состојба, а тоа се улиците Ганчо Хаџи Панзов и Орце Шутев, додаде Колев.

Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска се осврна на економската ситуација во моментов.

Потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска ФОТО/ ВМРО-ДПМНЕ

-Ние економистите многу често го споменуваме БДП како показател за вкупната економска активност или велиме тоа значи колку е успешна една економија и го споредуваме со земјите од регионот. Клучно е да видиме што е тоа што влијае на БДП. Постојат различни методи на пресметка и еден од нив е дека БДП зависи од личната потрошувачка, јавната потрошувачка, инвестициите и ефектите извозот и увозот. Личната потрошувачка е она што ние го трошиме, а тоа што го трошиме оди преку платите. Платите ги исплаќа приватен сектор, државни претпријатија и јавна администрација. Јавната потрошувачка е трошокот кој го прави државата и имаме тековни расходи кои се за едно секојдневно работење плати, пензии субвенции трансфери и другиот дел се капиталните инвестиции, рече на трибината Димитриеска Кочоска. бт/аа/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан