• петок, 10 мај 2024

Трибина за улогата на младите во зајакнувањето на демократската култура

Трибина за улогата на младите во зајакнувањето на демократската култура

Скопје, 18 март 2024 (МИА) – Претставници на младинските тела на политичките партии во земјава и претставници на граѓански организации денеска учествуваа на трибина „Улогата на младите во зајакнувањето на демократската култура“  со цел градење култура на дијалог и демократска атмосфера во пресрет на изборите.

Трибината ја организираше вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, која изјави дека не се насочени на политичките и партиските разлики, туку разговараат за прашања добри за сите, за вистинските вредности кои сите би сакале да ги видиме во нашето општество.

-Да почнеме култура на дијалог помеѓу подмладоците на политичките партии и со тоа да создадеме демократска култура и зрелост дека дијалогот меѓу политичките субјекти би требало да биде нормалност и континуирана активност, особено за прашања за кои треба да се гради консензус – за вистински вредности, за интегритет, во која насока би сакале да се движи нашето општество, изјави Грковска за целта да се организира трибината која, рече, е продолжение на активностите со младите што нејзиниот Кабинет ги  реализира во изминатите две години под слоганот „Зависи од тебе и од мене“. 

Според неа, политичките подмладоци имаат капацитет самостојно да размислуваат и да не бидат по секоја цена под влијание на партиските лидери. Рече ги охрабрува да бидат свои и смета дека со тоа што ја прифатиле поканата за трибината покажале дека имаат и волја и желба за тоа. 

-Младите и жените секогаш се оние коишто ги носат позитивните промени на општеството и за тоа е важно младите, политичките лидери коишто се иднината на нашата држава, коишто ќе ја водат и треба да бидат носители на иднината и на новото политичко милје, да креираат една политика и култура на дијалог за се она што е заеднички добро. Имаме доволно прашања по коишто сме и треба да бидеме различни заради нашите идеолошки убедувања, меѓутоа има една основна група на прашања заради коишто едноставно мора да градиме консензус. Затоа што тоа се прашања што надминуваат една владејачка гарнитура, прашања што се во континуитет и ако има консензус помеѓу политичките субјекти, станува прашање на време кога ќе има успех. Сигурна сум дека меѓу сите политички субјекти има знаење и капацитет да се дефинираат тие прашања, да се создаде консензус и да се остварат, без разлика на тоа која политичка гарнитура е на власт, истакна Грковска. 

Дино Блажевски од ВМРО-НП за медиумите изјави дека за разлика од претходни години, младите во партиите сега „посилно и поенергично го соопштуваат и го избираат својот став“.

-Мислам дека настаните од ваков тип се одлична можност младите да докажат и покажат дека се зрели, дека имаат свој став, свое мислење дури и да е поразлично од мислењето на сениорите по политичките партии, рече Блажевски.

Претседателот на Социјалдемократската младина на Македонија, Марко Михајловски, изјави дека со ваквите настани се зголемува видливоста на политичките подмладоци.

-Остава простор и за да покажеме дека сме присутни и во политичкиот живот и во јавноста, но и сме гласни во нашите политички партии, рече Михајловски. 

Висар Палоши од ДПА смета дека младите во партиите не можат да бидат лесно изманипулирани пред избори, затоа што, рече, тие се образовани и веќе имаат искуство.

-Мислам дека младите, барем во нашата партија, но и во другите партии, можат да го кажат својот став и можат да придонесат и да дејствуваат на некои политички идеи за работи што се однесуваат на младинските работи, додаде Палоши.  хс/ац/

Фото: МИА 

Остани поврзан