• сабота, 21 декември 2024

Трајков: Младите се највредниот ресурс на една нација, да ги задржиме дома 

Трајков: Младите се највредниот ресурс на една нација, да ги задржиме дома 

Скопје, 11 ноември 2024

Заменик министерката за европски прашања доцент  д-р Викторија Трајков, денеска присуствуваше на првиот настан од проектот „Дијалог на граѓанското општество меѓу Македонија и Бугарија“, финансиран од Европската Унија, кој се фокусира на темата „Човечки развој – млади и одлив на мозоци“. 
Во своето обраќање, заменик министеркaта Трајков истакна дека задржувањето на младите и на талентираните кадри е приоритет за Владата и ги повика сите чинители на заедничка соработка за создавање амбиент во кој младите ќе можат да ги остварат своите потенцијали и да ја градат својата иднина во Македонија.
„Сите ние сме свесни дека квалитетната, амбициозна и образована младина е највредниот ресурс на една нација. Сепак, сведоци сме на тренд кој не може, а да не не загрижува – сѐ повеќе млади ја гледаат својата иднина надвор од земјата. Економските можности, подоброто образование и квалитетниот живот се само некои од причините кои младите ја напуштаат државата. Затоа овие алармантни бројки треба да не освестат и да не потсетат дека наша одговорност како општество, и пред сѐ како носители на одлуки, е да ја промениме оваа состојба, истакна доцент д-р Викторија Трајков во своето обраќање на работилницата на тема „Човечки развој – млади и одлив на мозоци“. 


Треба  да создадеме услови за пoквалитетно образование, истакна доцент д-р Трајков, но истовремено додаде дека треба да создадеме економска и политичка стабилност што ќе овозможи стабилно вработување, конкурентни плати и фер услови за работа.
„Визијата за нашето општество мора да биде таква што ги вклучува младите како рамноправни партнери. Тоа значи да ја слушнеме нивната визија за иднината, да ги вклучиме во процесите на донесување одлуки и да им овозможиме да видат перспектива и иднина во земјата. Секој млад човек кој ќе остане и ќе придонесува дома е нова вредност за нашето општество и за иднината на нашата држава, истакна доцент д-р Викторија Трајков. 
На тркалезна маса на која беа вклучени креаторите на политики и носителите на одлуки од Македонија и Бугарија, се разменија  искуства и се претставија конкретни мерки и стратегии за намалување на „одливот на мозоци“.  
Оваа иницијатива има за цел да го поттикне дијалогот и соработката меѓу граѓанските организации и институциите од Македонија и Бугарија во справување со предизвиците поврзани со човечкиот развој и одливот на таленти од регионот.

Министерство за европски прашања

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Министерство за европски прашања

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан