• недела, 22 декември 2024

Тошковски во посета на четири полициски станици на гранични премини: Сериозна кадровска непополнетост, да се разгледа „one stop“ системот како можно решение

Тошковски во посета на четири полициски станици на гранични премини: Сериозна кадровска непополнетост, да се разгледа „one stop“ системот како можно решение

Скопје, 30 март 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во посета на четири полициски станици кои покриваат дел од граничните премини и граничниот надзор на западната граница, односно полициските станици Ќафасан, Франгово, Џепиште и Блато каде одржа работни состаноци со раководствата со цел непосредно да се запознае со нивната работа и проблемите со кои се соочуваат.

Како што соопшти МВР, полициската станица за гранични проверки Ќафасан каде е имплементиран системот „one stop“ се соочува со слаба кадровска пополнетост од само 37 отсто и не може да одговори на потребата од зголемување на бројот на активни ленти во една смена, нешто што е барање и од албанска страна. На овој граничен премин функционира и заеднички контакт центар со албанската полиција кој е имплементиран со финансиска поддршка на ЕУ и ОБСЕ.

Полициската станица за граничен надзор Франгово исто така се соочува со сериозна кадровска пополнетост и граничната линија од 23 километри за која се надлежни, а ја покриваат со само тројца полициски службеници во една смена.

-Особено ме загрижи она што го видов при посетата на Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Џепиште. Овој премин функционира со ограничено време на работа, а полициските службеници работат во контејнер со супстандардни услови, каде немаат вода. Исто така, во оваа станица не функционира систем за контрола и евиденција на патници и возила, дециден беше министерот Тошковски.

Тошковски елаборираше дека на граничниот премин Блато дневно поминуваат во просек по 2.200 патници, а во една смена функционира само една кабина поради тоа што пополнетоста со полициски службеници е на ниско ниво од само 35 отсто.

Од страна на вработените во оваа полициска станица ми беше посочено дека се соочуваат со недостаток на униформи, а го истакнаа и проблемот со голем број на случаи со шверц на добиток и несоодветните услови за чување на одземените животни. Во иднина треба да се разгледа и можноста за воведување на „one stop“ систем и на овој премин, стои во соопштението на МВР. нд/

Фото: МВР

Остани поврзан