• петок, 04 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Топлотниот бран пред време ќе собере дел од градинарското производство во Струмичко

Топлотниот бран пред време ќе собере дел од градинарското производство во Струмичко

Струмица, 10 јули 2024 (МИА) - Топлотниот бран, со температури до 40 степени
Целзиусови, пред време ќе собере дел од градинарското производство во Струмичко.
Според градинарите и експертите, на удар најмногу се културите на отворено, како што е
бостанот и доматите засеани под пластеници.

Градинарите велат дека веќе бележат штета кај доматите во пластениците, бидејќи
под влијание на топлината се случува цветот да се исфрли, а кај плодовите, кои се во фаза
на зреење, доаѓа до згрчување.

- Најважно е навреме да се преземат мерки со поставување на заштитни мрежи и да
се врши засенчување, а наводнувањето да се врши во вечерните часови, вели Ристо
Велков, земјоделец од село Василево.

Според него, засега на топлотниот бран е отпорна пиперката, но треба да се
внимава и со нејзиното одгледување во вакви услови.

Експертите посочуваат дека климатските промени од година во година се повеќе го
погодуваат земјоделското производство.

- Покрај штетите во пластеничкото производство, каде температурата во текот на
денот достигнува и над 60 степени Целзиусови и затоа културите не можат да врзат цвет и
да се формира плод, големи штети има и кај овошните насади и лозјата. Според најавите
топлотниот бран ќе трае и во наредните денови и тоа може да предизвика уште поголеми
штети, смета д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенијата.

Ескпертите советуваат земјоделците да се придржуваат кон пропишаните мерки за
заштита, бидејќи топлото време е идеално за развој на болести.

Освен со топлотниот бран, земјоделците од регионот се соочуваат и со штети
предизвикани од невреме проследено со град, како што беше на 2 јули кога настрадаа
посеви во валандовско и гевгелиско. рт/цр

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан