„Тиквеш“: Новата дигитална технологија за следење на состојбата на лозовите насади станува достапна и во земјава
- Употребата на дигиталната технологија и воведувањето современи практики во производството на грозје, кои се темелат на научни истражувања и мерења, ќе овозможат подобро да се искористи големи
Скопје, 22 август 2022 (МИА) - Употребата на дигиталната технологија и воведувањето современи практики во производството на грозје, кои се темелат на научни истражувања и мерења, ќе овозможат подобро да се искористи големиот потенцијал со кој располага Македонија за производство на квалитетни вина со висока додадена вредност, беше речено на презентацијата на мобилната апликација за мониторинг на состојбата на лозовите насади „4Grapes“.
Апликацијата преку дигитална обработка на податоци од теренот им овозможува на агрономите и лозарите, на брз и едноставен начин, да добијат навремена и јасна слика за тековната состојба на лозовите насади, како и навремено да ја проценат можноста од појава на несакани промени и болести на лозите.
Како што информираат од винарската визба „Тиквеш“, ова ново современо софтверско решение станува достапно и за агрономите и производителите на грозје во земјава.
Карактеристиките и придобивките што ги нуди оваа софтверска апликација беа претставени на средбата на тема „Следење на штетници и болести на виновата лоза во тиквешкиот регион“ што се одржа во М6 Едукативниот центар. Презентацијата беше организирана во рамки на транснационалниот проект „Откривање на руралното наследство: автохтоно производство на ферментирани пијалаци за локална и еколошка одржливост“, финансиран од Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, преку ЕЕА и Норвешкиот фонд за грантови за регионална соработка, а во чија реализација е вклучена и „Тиквеш“.
- Оваа активност е дел од партнерството што го гради и негува „Тиквеш“ со производителите на грозје, а во чии рамки винарската визба континуирано обезбедува поддршка во форма на стручни совети и едукација во процесот на одгледување и заштита на лозјата, заради воведување на светските стандарди и критериуми за квалитет во лозарството кои се од клучно значење за производството на вина со врвен квалитет, велат од винарската визба. мч/