• недела, 24 ноември 2024

Темелковски за МИА: Ќе ги вратиме довербата и духот на студентите

Темелковски за МИА: Ќе ги вратиме довербата и духот на студентите
Скопје, 16 октомври 2022 (МИА) - Еден месец по неговиот избор, новиот претседател на Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, Славчо Темелковски, вели дека со конкретни проекти што ги прават и со настаните што ги организираат успеваат да го промовираат УСС меѓу студентите и ја враќаат нивната доверба. - Сметам дека во изминатите две години со онлајн-наставата замре духот на студентите кој отсекогаш се отсликувал преку нивните креативни идеи, понапредни размислувања, борбеност и секогаш да бидат оние кои ќе започнат одредени промени во општеството. Мојот став е дека недостигало доверба дека постои некое тело кое навистина може да им ги штити нивните права и да ги брани нивните ставови и интереси, вели во интервју за МИА третиот претседател на УСС на УКИМ. Довербата од делегатите на изборите на 17 септември Темелковски ја доби со својата програма, во која се залага за подобрување на студентскиот стандард и условите за студирање на најстариот и најголем универзитет во земјава. Затоа најави и поголема активност на УСС во неговиот мандат, а мотото за оваа година е: „Само работа“. - Мое лично мислење е дека оваа година ќе биде пресвртна во функционирањето на УСС и годинашните 22 189 студенти ќе го донесат новиот бран на позитивни промени во општеството, вели Темелковски за МИА. Задоволен е што по две пандемиски години, на факултетите е раздвижено, студентите се вратени во предавалните и испитите се организирани со физичко присуство. За нивното дружење дополнително ќе придонесе и отворањето на Студентскиот културен центар во близина на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, чија подготовка е во завршна фаза. Претседателот на УСС на УКИМ, меѓутоа, е загрижен студентите повторно да не бидат вратени на онлајн-предавања, овојпат поради енергетската криза. Вели дека во тој случај први ќе излезат со став дека таквата одлука може да има сериозни импликации и ќе придонесе во непродуктивност на студентите, а долгорочно и во неквалитетен кадар. -  Нашиот став е дека образованието не смее да биде на удар на енергетската криза, вели Темелковски кој е апсолвент на Економскиот факултет на УКИМ. Се фаќаме за работа! – беше првата објава на Фејсбук на УСС кога бевте избран за претседател на Универзитетското студентско собрание минатиот месец. Од каде почнувате со работа или од каде продолжувате по преземањето на функцијата? - Токму така, мотото на УСС оваа година е: Само работа. Тоа значи дека од оваа година можете во текот на секој месец да очекувате голем број работилници, настани, конференции, јавни дебати, панел-дискусии, предавања кои ќе бидат организирани од УСС. Конкретно, сите тие настани што ќе бидат организирани ќе имаат повисока цел -  она за коешто најмногу ќе се залагаме оваа година: подобрување на студентскиот стандард и услови, подигнување на квалитетот на образованието, промовирање на македонска култура помеѓу студентите и да го негуваме она што е наше. Веруваме дека на овој начин ќе успееме да го издигнеме УСС не само меѓу студентите, туку и во општеството. Моите први конкретни акции беа запознавање со сите членови на Собранието, пренесување на мојата визија со цел секој еден да го мотивирам да работи за доброто на останатите студенти. Исто така, почнавме со промоција на УСС од самите основи - што е УСС, зошто УСС, како функционираме и слично, а сега почнуваме и кампања за промоција на секој факултет посебно. Остварив средби и соработки со повеќе засегнати страни, со медиуми, со цел правилна промоција на УСС и стекнување доверба во него, она за коешто најмногу се бориме во оваа почетна фаза. Што е приоритетно во Вашата програма за подобрување на условите за студирање на УКИМ и на стандардот на студентите? - Како конкретни чекори кои би придонеле во подобрување на студентскиот стандард и услови би ги издвоил нашето активно учество во креирање на законот за младински стандард, во чиј состав влегуваат законот за субвенциониран студентски оброк, закон за студентски домови, младински стандард и гаранција за млади. Веќе излеговме со конкретни барања поврзани со оброкот, потребно е негово зголемување согласно со податоците за потрошувачката кошничка од ставката за храна и пијалаци. Имаме и многу други барања поврзани на оваа тема. Во врска со студентските домови побаравме дефинирање што точно значат термините храна, сместување и сл., бидејќи условите во кои се наоѓаат студентите во одредени домови и блокови сметам дека се под секаков стандард. Затоа мора да се постават одредени стандарди според кои ќе се водат самите домови во наредните години. Побаравме и во комисијата која ги евалуира пријавите за престој во студентски домови да има и по еден претставник на студентите од студентските домови. Исто така, официјално станавме дел и од креирање на националната стратегија за млади. По изборот изјавивте дека ќе направите коренити промени во УСС и ќе создадете нов амбиент помеѓу студентите. Што недостига во функционирањето на студентската организација? - Сметам дека во изминатите две години со онлајн-наставата замре духот на студентите кој отсекогаш се отсликувал преку нивните креативни идеи, понапредни размислувања, борбеност и секогаш да бидат оние кои ќе започнат одредени промени во општеството. Мојот став е дека недостигало доверба дека постои некое тело кое навистина може да им ги штити нивните права и да ги брани нивните ставови и интереси. Еве, веќе во четвртата недела, успеваме да ја вратиме таа доверба преку промоција на УСС и преку конкретни проекти кои веќе ги правиме или се во одредена фаза на организација. Мое лично мислење е дека оваа година ќе биде пресвртна во функционирањето на УСС и годинашните 22 189 студенти ќе го донесат новиот бран на позитивни промени во општеството. Задоволен ли сте од соработката на УСС со управата на УКИМ, како и со други институции во донесувањето одлуки што ги тангираат студентите? - Во врска со соработката со УКИМ, да, задоволен сум и можам само да ги уверам сите дека оваа година соработката ќе биде на многу повисоко ниво, бидејќи на крајот на денот, сметам дека сите треба да бидат во насока да соработуваат со студентите, не само УКИМ, туку и останатите институции и засегнати страни. Исто така, морам да ја напомнам и соработката со Министерството за образование и наука каде, како што кажав, дел сме од работната група за креирање на новиот закон за младински стандард, како и со Агенцијата за млади и спорт која официјално нѐ покани на отворањето на конференцијата за Националната стратегија за млади. УСС е отворено за соработка со сите кои сакаат да помогнат во нашата работа. По две години пауза, предавалните на факултетите се повторно полни, испитните сесии се со физичко присуство. Се враќа ли повторно и студентскиот живот кој е неразделен од студирањето? - Да, веќе по првите неколку недели, доколку прошетате низ кампусите можете да забележите дека бројот на студенти е огромен и факултетите се преполни, што е одлично. Дефинитивно, ваквиот амбиент и ситуација ќе придонесе уште повеќе за ширење на студентскиот дух. Но, она што малку ме загрижува е енергетската криза, за која малку од малку се слушаат гласини дека можно е повторно да се вратиме на онлајн-предавања. Ние како УСС, први ќе излеземе со став дека таквата одлука може да има сериозни импликации, пред сѐ, долгорочно, од проста причина што би имале генерации кои факултетот би го завршиле без воопшто да го имаат посетено. Тоа ќе има директно влијание врз креирањето млада работоспособна група луѓе и ќе создаде неквалитетен кадар и последиците ќе бидат од огромен размер. Понатаму, она што е најбитно за секој еден студент е на факултет да оствари вмрежување со останатите студенти, бидејќи тоа се пријателства кои остануваат до крајот на животот. Тука мора да се напомене и дека со онлајн-учењето од дома се намалува активноста и проактивниот начин на живот на студентите, а сѐ повеќе се зголемува сервилноста и непродуктивноста, што исто така е доста негативна појава. Има уште многу други аргументи, но нашиот став е дека образованието не смее да биде на удар на енергетската криза. За дружењето на студентите, секако, ќе придонесе и Студентскиот културен центар – проект на вашата претходничка Ева Цветковска. Кога ќе биде отворен и што ќе им понуди на студентите на УКИМ? - Да, Студентскиот културен центар е проект започнат од Ева и ситуацијата е таква што јас ќе ја имам честа да го отворам. Станува збор за мултифункционален простор каде што сите студенти ќе може да се дружат, работат, а исто така и да се организираат различни настани организирани од Универзитетското студентско собрание. Центарот е во последна фаза од подготовката и отворањето ќе биде поголем настан со цел да може да се запознае и целата јавност.  Сметам дека СКЦ многу ќе придонесе за ширење на студентскиот дух помеѓу студентите. Хатка Смаиловиќ фото: Фросина Насковиќ

Остани поврзан