• недела, 22 септември 2024

Учебната година повторно не започнува за децата во Воспитно-поправниот дом Тетово

Учебната година повторно не започнува за децата во Воспитно-поправниот дом Тетово

Скопје, 1 септември 2024 (МИА) – Образовниот процес за штитениците од Воспитно поправниот дом – Тетово и оваа година нема да започне. Како и лани, овие деца на првиот училишен ден повторно нема да седнат во училишните клупи и да учат. Годинава нема проект, а не се донесени ниту законските измени потребни за формализирање на процесот.

Непосредно пред почетокот на новата учебна година, од Управата за извршување на санкции на прашањето на МИА како оваа година ќе се образуваат штитениците во ВПД - Тетово, одговорија дека побарале од Министерството за образование и наука да го организира и финансира образованието. Министерката за образование Весна Јаневска во изјава за МИА вели дека се очекува тоа да биде наскоро преку измените на Законот за образование на возрасни, додека, Народниот правобранител апелира за решавање на проблемот бидејќи последиците се ненадоместливи.

МИА во неколку наврати претходно пишуваше дека на овие деца им е оневозможено задолжителното образование поради непостапување на институциите кои имаат законска обврска за овозможување на настава за малолетниците кои ја издржуваат мерката „упатување во Воспитно-поправен дом“.

Непостапувањето, кое траеше неколку години, ја поттикна Комисијата за заштита и спречување од дискриминација да утврди директна продолжена дискриминација во однос на пристапот до образование на децата во ВПД-Тетово од страна на МОН. Народниот правобранител констатираше образовен процес кој не ги исполнува стандардите, а Хелсиншкиот комитет за човекови права порача дека овие деца имаат право на еднаков третман во пристапот до образование, како и сите други деца. Европската Комисија, исто така, последователно го нотираше овој недостаток во своите извештаи.

Годинава нема проект, а не се донесени ниту законските измени потребни за формализирање на процесот

Изминатите години, образованието во овие институции се одржувало со поддршка на УНДП, меѓутоа, тоа не подразбирало класично образование.

Преку програмите на УНДП, децата над 14 години кои се сместени во Волковија се групирале според степенот на подготвеноста и за нив се креирале специјални програми, кои откако ќе ги завршат, не добиваат класични свидетелства, туку уверенија за завршено ниво на образование. 

Токму овој факт алармираше дека е неопходно системското решение за решавање на недоследноста и беа иницирани измени во Законот за образование на возрасните, со кои беше предвидено овие уверенија да добијат валидност на свидетелство.

Последните информации се дека овој закон, како што информираа од Министерството за образование, по промената на власта е повторно во рацете на работната група при Министерството и се очекува за 10 - тина дена да биде проследен до Владата.

Министерка за образование Весна Јаневска за МИА појаснува дека со измените, Општинското училиште за возрасни „Макаренко“ ќе прерасне во државно училиште и ќе биде задолжено за наставата во казнено-поправните домови.

- Тоа во минатото не било решено и се остварувало со помош на меѓународни организации, што, секако, не е решение. Оваа Влада ќе го реши со тоа што ќе донесе законско решение кое ќе биде обврзно. Тоа е процедура и јас очекувам веќе во рок од една недела, десетина дена, тој закон да биде готов и да биде ставен на јавна расправа. Што значи со мало задоцнување и оваа година ќе почне воспитно образовниот процес и во казнено поправните домови, рече министерката. 

Зибери: Правото на образование на децата е загарантирано со Устав и закон

Народниот правобранител Насер Зибери во изјава за МИА информира дека формалниот образовен процес на 23 штитеници кои во моментов се во Воспитно-поправниот дом Тетово е на различни нивоа. Правобранителот информираше дека има седум штитеници кои воопшто немаат завршено ниту една година од образование, има штитеници кои имаат само дел од основното образование и дел кои имаат завршено основно образование и отпочнато дел од средното, но не го довршиле.

Потсети дека правото на образование на децата е право кое е загарантирано со Уставот и законите, а е заштитетно и со Конвенцијата на правата на детето.

- За жал, три години по ред, државата не обезбеди формален образовен процес за овие деца, и тој период е предолг за да може да се продолжи понатаму со еден ваков однос на државата кон овие деца, кои патем се упатени на воспитно-поправна мерка, да се ресоцијализираат и да се вратат во општеството како лица кои ќе можат да се вклучат во јавниот и приватниот живот, дополни правобранителот.

Изразува надеж дека законската димензија на проблемот ќе биде решена со одредување на соодветна установа која ќе биде надлежна и одговорна за изведување на наставата и дека втората димензија на проблемот е обезбедување на соодветни финансиски средства за ангажирање на наставниот кадар, но и за другите потреби кои еден воспитно образовен процес ги наметнува.

Последиците од немањето на воспитно-образовен процес ненадоместливи 

Последиците од немањето воспитно-образовен процес во ВПД, според Народниот правобранител се ненадоместливи. Тој вели дека овие последици, децата ќе ги чувствуваат во својот живот.

- За жал, за дел од штитениците нема да биде воопшто можно воопшто да се надомести. Тие деца ќе останат ускратени со правото на образование, а со тоа и со стекнување со соодветни квалификации и свидетелства, како јавни исправи, за да можат по напуштање на домот, да се вклучат во редовниот образовен процес, но и воопшто во животот. Дел од овие штитеници кои се сместени во ВПД-Тетово, доколку од оваа година отпочне со редовна настава образовниот процес, ќе може делумно да го надоместат пропуштеното имајќи предвид дека три години веќе се изминати, вели правобранителот.

Тој смета дека со ова е доведена во прашање ресоцијализацијата на децата и нивното оспособување за вклучување во животот.

- Тоа е отворање на врата за повраток на тие лица, сега во повозрасни години, да ги најдеме по затворите во земјата. Тоа е најлошиот начин на третирање на овие деца, кои за жал, се судриле со законот во раните години, дополнува правобранителот.

Според него, значењето на образовниот процес за човекот, особено за луѓе на таква возраст, е елементарно, за да може човекот да гради перспектива во животот.

Министерката Јаневска вели дека последиците се лоши, но може да се надополнат. 

- За жал, последиците се лоши и затоа ние и брзаме да го донесеме ова законско решение. Ќе се надополни со тоа што сите оние кои имаат потреба од образование ќе почнат од тоа ниво од кое што им е потребно и ќе продолжат да се образуваат во следните нивоа, вели Јаневска.

Ангела Рајчевска

Борис Куноски

Видео: Аслан Вишко

Со овој текст, МИА се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

 

Остани поврзан