• вторник, 24 декември 2024

Една година „воспитување“ без образовaние за штитениците во ВПД, се очекува процесот да продолжи во септември

Една година „воспитување“ без образовaние за штитениците во ВПД, се очекува процесот да продолжи во септември
Скопје, 31 март 2022 (МИА) - Поради непостапување на институциите кои имаат законска обврска за овозможување на настава за малолетниците, кои ја издржуваат мерката „упатување во Воспитно-поправен дом“, момчињата во ВПД-Тетово и девојчињата во Затворот Идризово изгубија една година од образовниот процес. Неовозможеното образование за малолетниците, кои ја издржуваат мерката „упатување во Воспитно-поправен дом“ за кое објави МИА и „Само прашај“ , поттикна иницијатива за потенцијална дискриминација, а народниот правобранител, по написите на МИА беше во вонредна посета на штитеничките во Идризово, каде констатирал образовен процес кој не ги исполнува стандардите. Хелсиншкиот комитет за човекови права порача дека овие деца имаат право на еднаков третман во пристапот до образование, како и децата надвор. Изминатите години, образованието во овие институции се одржувало со поддршка на УНДП, организација која понудила поддршка и за учебната 2021/22 година, која, за жал, досега не започнала. По состанокот инициран од директорот на Воспитно-поправниот дом - Тетово, Даниел Антоски, со министерот за образование, Јетон Шаќири, но, и по објавувањето на сторијата на МИА и „Само прашај“ за состојбата со образованието во домот во Волковија и во Идризово, каде се сместени штитеничките, институциите во последниве денови ги „активираа“ службите, со цел децата да не изгубат уште една година едукација. Сепак и самиот образовен процес, кој го поддржувал УНДП, не подразбира класично образование. Станува збор за деца над 14 години, секое од нив со различен степен на образование, кои во домот се групираат според степенот на подготвеноста и за нив се креираат специјални програми, кои откако ќе ги завршат, не добиваат класични свидетелства, туку уверенија за завршено ниво на образование. Токму системското решение ќе го реши овој проблем и оваа недоследност, со тоа што ќе се иницираат измени во Законот за образование на возрасните, со кои овие уверенија ќе добијат валидност на свидетелство. МОН оди на повторен договор со УНДП, за системско решение е потребно време Министерството за образование и наука за учебната 2022/23 година обезбедило буџет за шест наставници за образованиот процес во ВПД и започнало процедура за измени во Законот за образование на возрасните, кој треба да ја дефинира правната рамка за наставата на малолетниците кои издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом. Министерот за образование, Јетон Шаќири, за МИА изјави дека не сака истиот проблем да се повтори и овој септември и дека поради тоа МОН ги координира надлежните институции за побрзо решавање, а најбрзиот начин во моментов, според него е повторен договор со УНДП. Сепак тоа не значи дека образованието ќе почне утре. Надежите на директорот на ВПД-Волковија беа дека тоа ќе случи овој месец, а министерот за образование Јетон Шаќири, во разговор за МИА вели образованието ќе почне во најбрзо време. Сепак, додаде дека март истекува, се ближат април и мај, а со сигурност може да го посочи септември, кога всушност почнува следната учебна година. - Јас за оваа проблематика имав прилика, пред можеби месец дена, да реализирам состанок со директорот на институцијата, кој беше тука, во Министерството и го пријави истиот проблем што вие ми го кажувате. Веднаш побарав информација зошто е настаната оваа ситуација, заради тоа што треба и тие деца да се вклучат во системот од кој се дел, без разлика на сегашната состојба во која се наоѓаат, бидејќи знаеме дека во многу други развиени земји во тие институции има влијание и образовниот процес. Во податоците кои ги собрав од Секторот за основно образование, стои дека претходната година образовниот процес е реализиран со поддршка од УНДП и после оваа информација имав состанок со претставници од УНДП и од други институции и ние како Министерство имаме доставено барање и мислам дека во најбрзо време ќе се одобри и ќе продолжи постапката исто како што претходно се одвивала во истата институција. Значи, ангажирање преку УНДП, вели Шаќири. Дополни дека, освен проектот на УНДП, разгледани се сите други можности за обезбедување согласност и од Министерството за финансии. Според него се разгледува и можноста за системско решение на проблемот. Поради фактот што во домот има деца со над 14 години, а кои не завршиле  основно образование, министерот рече дека е потребно усогласување на програмите кои ги донесува Бирото за образование.

- Имам побарано системско решение, но се работи за концепт на основно образование и тука во Министерство треба да соработуваме и со Бирото за развој на образованието, треба да се видат програмите, начинот на реализација на програмите и системско решавање. Зошто? Кога го спомнав системско решавање во овој момент ги разгледувам и сите можности во основните училишта, кои се поблиску во тој регион во Тетово или во некои од локалните места во тие општини. Се разгледуваат сите можности, вели Шаќири и додава дека се разгледува и можноста во ВПД-Тетово да вработат наставник. Шаќири во разговор за МИА напомена дека ова е наследен проблем, тој функцијата ја презеде во јануари, а недостиг на образование во ВПД-Тетово има од минатиот септември. Сепак, тој не смета дека ова е намерна грешка на претходното раководство на МОН, туку, според него, станува збор за проблеми, кои, како што кажа, се од техничка природа. На прашањето, каде ја лоцира одговорноста, бидејќи сепак овие деца изгубија една година од задолжителното образование, Шаќири вели дека тој не сака да избега од одговорноста во оваа ситуација. Управата за извршување на санкции побарала спроведување на настава од МОН, но не добила одговор За образовниот процес на штитениците е задолжено Министерството за образование, но сепак за спроведување на целокупниот процес, потребна е тесна соработка и координација со Управата за извршување санкции. На прашањето на МИА зошто е дозволен застој во овој процес од Управата ни одговорија: „Како што и претходно наведовме, согласно член 8 од Правилникот за начинот на избор на основно училиште, поблиските критериуми и начинот на организирање на наставата во здравствените установи, казнено-поправните установи како и во домашни услови, Управата за извршување на санкциите со допис бр.О8-1802/1 од 15.09.2021 година и со допис бр.О8-1802/4 од 27.09.2021 година до Министерството за образование и наука има доставува барање со списоци за вклучување на децата и на осудени лица од воспитно - поправните и казнено-поправните установи во образовниот процес. Меѓутоа, од причини што и по завршувањетo на првото полугодие од Министерството за образование и наука не е добиен никаков одговор Управата за извршување на санкциите со допис бр 08-276/1 од 16.02.2021 година повторно достави барање-ургенција, но и по ова сѐ уште нема никаков одговор од оваа институцијa“. Од институцијата одговорна за Воспитно-поправниот дом, за МИА појаснуваат дека на средбата на директорот на ВПД-Тетово со министерот за образование и наука Шаќири било посочено дека во наредниот период ќе се започне со основно образование во оваа установа, како и дека од септември МОН ќе преземе активности со цел навремено отпочнување на образовниот процес. - За начинот на организирање на образовниот процес во преостанатиот дел од учебната 2021/2022 година како и за наредната 2022/2023 година дополнителни информации треба да даде Министерството за образование и наука, посочуваат од Управата за извршување на санкции во одговорот до МИА. Дополнителен проблем е и немањето на соодветни услови за одржување на наставата за женските штитенички, за кои во моментов нема посебен објект, туку оваа мерка ја издржуваат во затворски услови во Идризово. Немаат училница, а според информациите до кои дојде МИА, претходните години, образованието таму се спроведувало во ходници, во дворот... Надлежна за обезбедување услови е Управата за извршување санкции. Омбудсманот со забелешка и за квалитетот на образовниот процес, КСЗД покрена постапка за дискриминација Народниот правобранител Насер Зибери завчера при презентацијата на Годишниот извештај за степенот на обезбедување почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година го дополни и потенцира проблемот со несоодветниот третман на малолетничките упатени на издржување воспитно-поправна мерка, откако, претходно, по сториите на МИА и „Само прашај“ оствари дополнителна посета по службена должност. Констатирал дека Казнено-поправната установа Идризово не е соодветна установа за сместување на деца, од причина што нема услови за остварување на основната цел на упатувањето на издржување воспитно-поправна мерка, а тоа е нивното превоспитување, како и услови за задолжително образование и активно користење на слободното време. Во разговор за МИА Зибери истакна дека по посетата на Идризово констатирал дека таму воопшто не се води образовен процес. - Исто така, загрижува и процесот на нивното превоспитување, а целта на мерката упатување на издржување воспитно-поправна мерка е токму превоспитувањето на овие деца. Таму не се води воопшто образовен процес, не се ангажирани активно во нивното слободно време, не се водат физички и спортски активности. Со еден збор, се оставени на милост и немилост. Гледано од овој аспект, значи ова одделение за овие деца не ги исполнува ниту минималните стандарди за спроведување воспитно-поправна мерка и постигнување на целта – превоспитување на овие деца, дециден е Зибери. За разлика од девојчињата каде што омбудсманот констатирал дека се „оставени на милост и немилост“, малолетниците кои ја издржуваат мерката „упатување во Воспитно-поправен дом“ имаат одлични услови, но, проблемот со образование е заеднички и тие немаат настава. - Во Воспитно-поправниот дом во Волоковија ние во текот на 2021 година бевме два пати. Еднаш националниот превентивен механизам и еднаш Одделот за заштита на правата на лицата кои издржуваат казна затвор и лицата кои се упатуваат на воспитно-поправна мерка во воспитно-поправните домови како што е домот во Волковија. Од нашите посети е утврдено дека Воспитно-поправниот дом Волковија ги исполнува стандардите предвидени за една таква установа во смисла на простор, услови, храна, хигиена, одржување на редот и другите активности. Во оваа воспитно-поправна установа имаме две забелешки. Прво, во однос на квалитетот на изведување на образовниот процес, кој не ги исполнува условите, критериумите и стандардите и согласно на тоа ние упативме една препорака и до Управата и до Министерството за образование за организирање на соодветен воспитно-образовен процес во оваа установа. Второ, во однос на здравствената заштита, вели народниот правобранител. Омбудсманот потенцира дека државата е обврзана и со меѓународни конвенции да ги исполнува стандардите за издржување на мерките на овие лица, односно оние кои се упатени на издржување воспитно-поправна мерка, со цел тие да се вратат во општеството како граѓани кои можат да се вклучат во општествениот живот подеднакво како останатите лица. - Доколку тоа не биде постигнато, тогаш и целта на изрекување на мерката е промашена, нагласи Зибери.

  За условите, ресоцијализацијата и образованието во ВП-Домот Тетово, МИА објави четири стории кои покренаа голема реакција во јавноста, вклучително и кај Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која по написите одлучи да покрене постапка за потенцијална дискриминација. - Комисијата го виде ова истражување во медиумите, веќе беше дискутирано и претходно во однос на постоење на одредени индиции за потенцијална дискриминација врз основа на пол и род и во пристап до образование врз основа на личен статус на децата кои што се упатени во Воспитно-поправен дом и комисијата на седница на 17 март донесе одлука да покрене постапка по службена должност заради постоечките индиции, кои што ги видовме во медиумите за постоење на овие два типа на дискриминација. Како што знаете, согласно законот, комисијата откако ќе ја покрене постапката се упатува барање за произнесување до потенцијалниот дискриминатор. Можеме да извршиме увид на лице место и да ги преземеме сите останати дејствија предвидени согласно законот како процесно дејствие на Комисијата и потоа носиме мислење и препорака доколку утврдиме дискриминација, појасни за МИА членот на Комисијата, Игор Јадровски.

  Со помош на УНДП од 2017 спроведени три образовни циклуси, се чека на четвртиот Според УНДП, системското решавање на проблемот со реализација на образованието во казнено-поправните и воспитно-поправните установи во државата е комплексно прашање за кое е потребно заедничко дејствување на министерствата за правда и образование и Управата за извршување на санкциите. Потенцираат дека е потребно конечно носење на „Стратегија за организирање на образовен процес во казнено-поправните и воспитно-поправните установи“, која е превидена и со Законот за извршување на санкциите. Стратегијата, иако во своја нацрт-верзија е изготвен за периодот 2017-2020, сѐ уште не е усвоена. Во однос за поддршката која УНДП ја пружа во образовниот процес на малолетниците кои издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, од Програмата за развој на Обединетите Нации, информираат дека ја обезбедуваат почнувајќи од 2017 година. Оттогаш, како што велат, реализирани се три циклуси на основно образование со малолетни лица. Првиот и вториот циклус се спроведени во периодите од 1 октомври 2017 до 31 март 2018, односно од 11 ноември 2019 до 10 јуни 2020, додека малолетните лица привремено биле сместени во затворот Охрид. Третиот циклус се спровел во новоотворениот ВПД во Волковија во периодот од 11 ноември 2020 до 24 јуни 2021. Имајќи предвид дека постојниот Закон за образование на возрасните, не предвидува комплетирање на основното образование, поддршката на УНДП се состоела од подготовка на потребни стратешки документи (Концепција за основно образование на возрасните), програми за основно образование на возрасни согласно националните стандарди, инструменти за проценка на претходно знаење стекнато по формално и неформален пат, обука на наставници за користење на инструментите за проценка и на стручните служби во казнено-поправните и воспитно-поправните установи, поддршка на институциите во изготвување на законската и под-законската регулативата, а во отсуство на истата и предвиден буџет за реализација на образованиот процес, финансиско покривање на трошоците за реализација на наставата. На прашањето што учеле тие деца, со оглед на тоа што станува збор за посебно креирана програма, од УНДП велат дека малолетните лица преку учество на часовите за комплетирање на основно образование се вклучуваат во процес кој не се случува само на индивидуално ниво туку и на глобално ниво т.е. на ниво на целото општество. -Имјаќи предвид дека содржините кои се обработуваат се прилагодени кон возраста на малолетните лица, т.е. сите граѓани над 15 години кои не го комплетирале основно образование, низ процесот на едукација т.е. за време на часовите, штитениците преку флексибилен метод се стекнуваат со вештини и навики, неопходни за функционирање на општеството, велат од УНДП. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права порачуваат дека образованието е од круцијално значење за ресоцијализација на децата и нивно враќање во општеството, особено доколку се земе предвид фактот дека голем дел од децата кои издржуваат воспитно-поправна мерка немаат завршено ниту основно образование. - Децата во воспитно-поправните установи имаат право на еднаков третман во пристапот до образование како и децата надвор. Тие имаат потполно право да се образоваат, да стекнуваат основни навики, да стекнат и развијат чувство на одговорност. Образованието во воспитно- поправните установи не е додадена вредност во системот на малолетничка правда туку незаменлива компонента. Најважната и најосновната улога на образованието е децата да излезат од установата пообразовани, поинформирани и поспособни. Недостигот на образование остава штетни последици врз децата и директно придонесува кон тоа да не се исполнат целите зашто децата се упатени на издржување воспитно поправна мерка, нагласуваат од Хелсиншки. Според нив, државата мора итно и неодложно да ги преземе сите мерки за образовниот процес во воспитно-поправните установи да продолжи да се спроведува во најкус можен рок. Одговорност за ова, велат од Хелсиншки, треба да има Министерството за образование и наука, кое согласно закон е обврзано да го планира, финансира и спроведува образованието во овие установи. Борис Куноски Ана Цветковска Ангела Рајчевска Оваа содржина ја изработи Медиумската информативна агенција (МИА) во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“ што го финансира Британската амбасада во Скопје. 

Остани поврзан