• понеделник, 23 декември 2024

КСЗД утврди директна продолжена дискриминација во однос на пристапот до образование на децата во ВПД-Тетово од страна на МОН

КСЗД утврди директна продолжена дискриминација во однос на пристапот до образование на децата во ВПД-Тетово од страна на МОН

Скопје, 29 март 2023 (МИА) - Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди директна продолжена дискриминација во пристапот до задолжително образование од страна на Министерството за образование и наука кон децата на кои им е изречена мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“. Наодите за дискриминација кон децата кои ја издржуваат оваа мерка, Комисијата, како што наведува во нејзиното мислење донесено на 23 март, се утврдени по серијата истражувачки стории кои ги објави МИА за децата кои ја отслужуваат оваа казна, во кои беше наведено и дека женските деца наместо во услови соодветни за оваа мерка, какви што има во Воспитно-поправниот дом Тетово, каде се сместени само машки деца, се сместуваат во импровизиран прилагоден дел од затворот Идризово. Сепак, Комисијата, во однос на сместувањето на женските деца, не утврди дискриминација, наведувајќи оти немало објективни причини за тоа.

- Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, постапувајќи по предмет поведен по службена должност, против Министерството за образование и наука и Управата за извршување на санкции, за сторена дискриминација кон децата кои се на издржување воспитно-поправна мерка во ВПД-Тетово во пристап до задолжително образование врз основа на нивниот личен статус и сегрегација на женските деца кои се на издржување воспитно-поправна мерка во ВПД-Тетово врз основа на нивниот пол, донесе мислење со кое се утврдува директна продолжена дискриминација во пристап до задолжително образование, сторена од страна на Министерството за образование и наука, се наведува во општата препорака. 

Во мислењето на Комисијата не се утврдува директна сегрегација во издржувањето на воспитно-поправната мерка на женските деца, кои се на издржување мерка упатување во воспитно-поправен дом врз основа на нивниот пол од страна на Управата за извршување санкции. 

МОН во рок од пет месеци да најде системско решение за образованието

КСЗД, како што се наведува во препораката, во март 2022 година забележа повеќе истражувачки стории на Медиумската информативна агенција (МИА) за потенцијална дискриминација врз децата, кои се на издржување на мерката „упатување во Воспитно-поправен дом“.

- Имајќи предвид дека информациите од споменатите истражувачки стории прават веројатност дека со потенцијална дискриминација се соочуваат поголем број лица, како и фактот дека станува збор за ранлива категорија на лица - деца кои се на издржување воспитно-поправна мерка, Комисијата, по службена должност поведе постапка за заштита од дискриминација за децата кои се на издржување воспитно-поправна мерка од ВПД-Тетово во пристап до задолжително образование, се наведува во препораката.

По разгледувањето на наодите од истражувачките стории, добиените информации од поднесоците за произнесување и анализата на релевантната легислатива, од КСЗД истакнуваат дека утврдиле дека децата кои издржуваат воспитно-поправна мерка во ВПД-Тетово немаат пристап до задолжително образование.

- Согласно чл. 173, ст. 3 од Законот за извршување на санкции, Министерството за образование и наука на предлог на Управата го организира и финансира образованието на осудените лица. Од наводите од поднесоците за произнесување и доставените информации од Управата за извршување на санкции, КСЗД утврди дека Управата ги презела сите активности во рамки на своите законски надлежности за организирање на задолжително образование во ВПД-Тетово, односно поднела барање до Министерството за образование и наука за организирање на образованието во ВПД-Тетово со доставување списоци на лицата, кои треба да бидат опфатени во процесот на образование. Оттука, Комисијата ценеше дека во овој случај Управата за извршување на санкции не може да се јави како вршител на дискриминација во пристап до задолжително образование врз основа на личен статус кон децата кои се на издржување воспитно-поправна мерка во ВПД-Тетово, се наведува во препораката.

null

Од друга страна, Министерството за образование и наука со непостапување по предлозите на Управата и пасивноста во процесот на наоѓање на системско и одржливо решение за организирање и финансирање на образование за децата кои издржуваат воспитно-поправна мерка во ВПД-Тетово, пропуштило да им овозможи пристап до задолжително образование, со што сторило директна продолжена дискриминација во пристап до задолжително образование, врз основа на личен статус врз децата кои се на издржување на мерката во ВПД-Тетово.

- Имајќи предвид дека од утврдената фактичка состојба во споменатиот случај беше евидентно дека сите осудени лица или деца за време на извршување на казната затвор или заводската мерка во државата немаат пристап до задолжително образование, КСЗД донесе општа препорака со која му препорачува на Министерството за образование и наука во соработка со Управата за извршување на санкции да обезбеди системски, одржлив и континуиран пристап до задолжително образование на сите осудени лица или деца за време на извршување на казната затвор или заводската мерка, се посочува во препораката.

Комисијата во мислењето дава хронолошки преглед на настаните и реакциите на надлежните институции по ова прашање. 

Во март минатата година Комисијата забележала повеќе истражувачки стории на МИА за потенцијална дискриминација врз децата кои се на издржување мерка „упатување во Воспитно-поправен дом. Таа тогаш констатирала дека согласно наодите од споменатите истражувачки стории на МИА станува збор за два вида на дискриминација: дискриминацијата на сите деца кои се на издржување мерка „упатување во ВПД“ во пристап до задолжително образование врз основа на нивниот личен статус и сегрегација врз основа на пол на женските кои се на издржување на оваа мерка, кои истата ја издржуваат во импровизирана просторија во ходник на КПУ-КПД Идризово. 

На 1 април минатата година Комисијата до МОН и Управата доставила Известување за поведувања постапка по службена должност со барање за произнесување, најдоцна во рок од 15 дена од приемот на известувањето.

На 11 мај лани до Комисијата било доставено писмено произнесување од Управата, во кое се наведува дека согласно член 173 став 3 од Законот за извршување санкции, МОН на предлог на Управата го организира и финансира образованието на осудените лица. Од тие причини, а согласно член 8 од Правилникот за начинот на избор на основно училиште, поблиските критериуми и начинот на организирање на наставата во здравствените установи, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, како и во домашни услови, Управата на 15 септември 2021 година се обратила до МОН со списоци за вклучување на осудените лица од ВПД и КПУ во образовниот процес. Управата информирала дека до крајот на првото полугодие на учебната 2021/22 година не добила никаков одговор од МОН, по дописот. Согласно тврдењето на Управата на 16 февруари лани е пратена ургенција за споменатиот допис за отпочнување на образовниот процес во ВПД и КПУ. По оваа ургенција Управата не добила никаков одговор. Понатаму на 24 март лани до МОН доставено е барање за номинирање на лице со цел воспоставување системско решение за основното образование во КПУ и ВПУ, но до моментов на доставување на произнесувањето Управата не добила одговор по дописот, ниту пак е остварена средба на работната група.

Имајќи предвид дека постапката по службена должност беше иницирана пред завршувањето на учебната година, а воедно и по произнесувањето на Управата за извршување санкции беше доставено на самиот крај на учебната година, Комисијата на 16 јануари доставила уште едно барање до Управата во кое бара информации за тоа дали е надминат проблемот во пристапот до задолжителното образование за учебната 2022/23 и дали за истото е најдено системско решение.

Комисијата на 27 февруари добила известување од Управата во кое таа информира дека со поддршка на МОН и УНПД во ВПД-Тетово од 3 декември 2022 година започнала реализација на основното образование, во кое биле вклучени вкупно 14 деца, но со завршување на 2022 година истото од технички причини е во прекин, односно траело само еден месец.

Управата организирала состанок со претставници на МОН и УНПД за договарање на активностите со цел продолжување на образованието на децата, кои се наоѓаат на издржување на оваа мерка во Тетово во текот на 2023 година и наоѓање на системско решение за организирање на основното и стручното образование за осудените лица.

МОН до носењето на ова мислење не се произнело по добиеното известување од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за покрената постапка по службена должност. 

Комисијата препорачува МОН во соработка со Управата за извршување на санкциите да подготви акциски план за организирање и финансирање на образованието и вклучување во образовен процес на сите деца, кои се упатени на издржување мерката „Упатување во воспитно-поправен дом“ во учебната 2023/2024 година, најдоцна во рок од 60 дена од приемот на ова мислење и за истото писмено да ја извести Комисијата.

Се препорачува и МОН во соработка со Управата да најде системско, одржливо и континуирано решение за организирање и финансирање на образовниот процес на сите деца, кои се упатени на издржување на оваа мерка, најдоцна во рок од пет месеци од приемот на ова мислење и за истото да ја извести Комисијата.

На 10 февруари на ЕНЕР објавен почетокот на измени на Законот за основно образование

МИА кон крајот на февруари објави дека МОН веќе пристапило кон менување на Законот за основно образование со цел да се овозможи континуиран образовен процес за малолетниците, кои издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, но и по завршувањето тие да добијат валидна диплома, која ќе има важност на јавна исправа, а не како досега нивното едуцирање да се сведува на проекти, кои всушност претставуваат неформално образование.  

Предлогот следуваше по серијата стории на МИА, во кои откривме дека во Воспитно-поправните установи во нашата држава нема образовен процес веќе цела година иако, според закон е задолжителен, како и дека она што испрекинато им се нудеше на децата таму се сведува на проектно образование, кое резултираше со добивање потврди за завршен одреден степен на образование, кои немаат важност на јавна исправа.

На Единствениот национален електронски регистар на Република Северна Македонија (ЕНЕР) на 10 февруари беше објавено известување за почеток на процесот за подготовка на Закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование. Предлог - законот за изменување и дополнување на Законот е со цел регулирање на воспитно образовниот процес во воспитно-поправните и казнено поправните установи, односно обезбедување континуиран образовен процес за малолетниците во воспитно-поправните и казнено поправните установи, чие образование ќе се заврши со документ за завршено формално основно образование -свидетелство.

Временската рамка за изготвување на предлог-законот беше до 23 февруари, а процесот, како што беше наведено вклучуваше барања за писмени мислења, забелешки и сугестии од засегнатите страни, учество во работни групи формирани од страна на Министерството или Владата и состаноци со засегнатите страни. МИА веднаш побара одговори од МОН за планираните измени, но досега одговор не добивме.

Дисконтинуитетот во образованието за штитениците во ВПД-Тетово, каде се сместуваат машки деца кои дошле во судир со законот, не е новина, а истото важи и за женските деца, кои се сместуваат во Идризово. Во серијата стории, кои МИА и „Само Прашај“ ги објавија за состојбата во домот констатирано дека штитениците во Волковија имаа прекин во образованието од септември 2021 година, за да процесот продолжи во јуни 2022 година и повторно се соочи со нов прекин. Станува збор за основно образование на повозрасна група деца, кои од различни причини пред да се упатат во домот не успеале да го завршат задолжителното основно образование. Во ВПД-Тетово се упатуваат деца кои се судриле со законот на возраст од 14 до 21 година, поради тоа што и нивното образование мора да се прилагоди на возраста, како и на степенот на подготвеност кој го имаат.

Државниот советник во институцијата Народен правобранител, Васка Бајрамовска,  која го предводеше тимот на институцијата, кој во октомври лани ги посети штитениците во Волковија во интервју за МИА нагласи дека е добро што се прават напори за повторно воспоставување на образованието, но потенцира дека тоа не смее да биде сведено на проекти.

Основното образование за штитениците во Волковија во моментов се спроведува преку проект на Министерството за образование и наука и УНДП, пракса, која се применува изминативе години. Решението е ад-хок, од година за година, процесот е непостојан, а по завршувањето на школската година тие деца не добиваат класични дипломи, туку потврди за завршен одреден степен на образование, кои немаат важност на јавна исправа. За трајно решавање на овој проблем потребни беа законски измени. 

- Правото на образование е уставно загарантирано право. Членот 44 од Уставот на Република Северна Македонија пропишува дека секој има право на образование. Образованието е достапно за сите под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно. Согласно Законот за средно образование, средното образование е задолжително за секој граѓанин, под еднакви услови, утврдено со овој закон, нагласува Комисијата во донесеното мислење.

Според Комисијата девојчињата не се дискриминирани во Идризово

Доколку некое девојче дојде во судир со законот и му се изрече мерка „упатување во ВПД“, тоа треба да замине во Идризово. Во моментов нема малолетнички кои ја издржуваат оваа мерка.

Како што наведува Комисијата во мислењето во однос на сместувањето на женските деца кои оваа мерка ја издржуваат во рамки на женското одделение на КПД Идризово, Управата информирала дека е извршена адаптација за нивниот престој, со приспособување на нов дел од женското одделение, кој е реновиран при што децата се целосно одвоени од полнолетните осудени женски лица, односно истите немаат можност да контактираат со нив за време на престојот или прошетка на свеж воздух. Воедно Управата напоменала дека не е можно преместување на женските деца, кои ја издржуваат оваа мерка, бидејќи за истото нема законска можност. 

- Согласно член 34 од Законот за извршување санкции единствен ВПД за женски лица е ВПД за женски лица во КПД Идризово. Освен законската пречка, Управата известува дека објектите во ВПД-Тетово не се просторно адаптирани за да бидат одвоени машките од женските деца, кои се на издржување на оваа мерка, а нема ниту вработен женски персонал во затворската полиција, кој би се грижел за истите, се наведува во мислењето на КСЗД.

Комисијата во мислењето проценила дека сместувањето во ВПД во КПД Идризово на женските деца, кои се упатени на издржување на оваа мерка не претставува сегрегација врз основа на нивниот пол.

Имено согласно законската дефиниција за сегрегација од член 12 од Законот за спречување и заштита од дискриминација сегрегација е физичко одделување на лице или група лица врз дискриминаторска основа без легитимна или објективно оправдана цел. Согласно ваквата дефиниција за да постои сегрегација треба да постои кумулативно исполнување на два услова - физичко одделување на лица или група лица врз дискриминаторска основа и немање легитимна или објективно оправдана цел за таквото однесување. Без кумулативно постоење на еден од овие два услова не може да постои сегрегација, наведува Комисијата.

null

Во конкретниот случај Комисијата проценила дека за одделување на женските деца, кои се упатени оваа мерка да ја издржуваат во КПД Идризово постои легитимна, односно објективно оправдана цел.

- Објективна оправданост за одделување на во овој случај Комисијата најпрво ја гледа во природата на самата мерка која бара физичка одделеност на машките и женските деца, кои се упатени на издржување. Објективната оправданост се црпи и од член 34 став 4 од Законот за извршување на санкциите, кој пропишува дека единствена воспитно поправна установа за женски лица е ВПД во КПД Идризово. Дополнително во насока на имање на легитимна, односно објективно оправдана цел е и имањето на исти услови за издржување на оваа мерка во ВПД во КПД Идризово на женските деца, во смисла на сместувачките капацитети и одвоеност од полнолетни осудени лица, како и машки деца, кои се упатени на издржување во ВПД во Тетово.

Сепак во серијата стории кои ги објави МИА, во соработка со „Само прашај“, констатиравме дека кога имаат потреба од нешто, малолетничките кои издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, сместени во адаптирана соба во ходник во рамките на Казнено-поправната установа Идризово, се принудени да викаат преку прозорецот од тоалетот, бидејќи немаат уред за повик до службите.

Кога имаат потреба од нешто, малолетничките кои издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, сместени во адаптирана соба во ходник во рамките на Казнено-поправната установа Идризово

Овие штитенички беа сместени во просторија која не обезбедува целосна изолација, односно, оневозможување контакт со осуденичките со кои се во допир при добивање на храната и при користење на слободно време за прошетка на отворено. Малолетничките беа сместени во една трошна и студена просторија за која велат дека понекогаш нема и вода. Единствена активност таму им е цртањето и прошетката во дворот, кој го делат со останатите возрасни затворенички и за кој мора да чекаат слободен термин.

За разлика од девојчињата, штитениците во Воспитно-поправниот дом - Тетово, каде лани во март кога екипата на МИА го посети домот, беа сместени 21 момче, имаат уредни, опремени соби, тоалети, училници, теретана, игралишта на отворено, менза, работилници и многу други алтернативи со кои на креативни начини го исполнуваат нивното слободно време. Со штитениците во Волковија работи тим од воспитувачи, како и психолог, педагог и социолог, додека, во Идризово, малолетничките имаат само една воспитувачка која ја делат со сите останати затворенички. 

Комисијата согласно својата работа ги следи извршувањата на мислењата и препораките за конкретни случаи на дискриминација се до нивното исполнување. Доколку субјектите, кон кои се упатени препораките не постапат по истите, Комисијата има законска надлежност да поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци, согласно член 27, став 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. 

По сториите на МИА и „Само прашај“, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација донесе одлука за покренување постапка по службена должност и донесе мислење, Народниот правобранител изврши увид во ВП-домот во рамките на КПУ Идризово, каде ги констатираше истите заклучоци и апелираше на итно решавање на проблемот со образованието и условите во ВПД и случајот го внесе во годишниот извештај. Апел за решавање на ситуацијата по нашите написи упатија и Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници.

Случаите беа нотирани и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија. ЕК нотираше дека се потребни законски измени за пронаоѓање долгорочно решение за сместување и ресоцијализација на малолетнички кои дошле во судир со законот и на кои им е одредена мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, со оглед на тоа што во моментов девојчињата, кои треба да ја отслужат оваа мерка, се сместуваат во затворски услови во женското одделение на затворот Идризово, каде немаат соодветна грижа, едукација и ресоцијализација. Комисијата нотираше подобрување на условите за сместување на малолетниците во објектот на Воспитно-поправниот дом во Волковија. Сепак, забележа дека во периодот меѓу септември 2021 и јуни 2022 година тие немале пристап до образование. 

Ана Цветковка

фото: МИА архива

Остани поврзан