• сабота, 03 јуни 2023

Продавачите на Градскиот пазар во Велес бараат подобри услови, од Општината децидни активностите се завршени

Продавачите на Градскиот пазар во Велес бараат подобри услови, од Општината децидни активностите се завршени

Велес, 26 март 2023 (МИА) - Горниот дел од новиот затворен Градски пазар во Велес направен е пред година и пол и во него се сместени околу 200 тезги. Покривната конструкција штити од дожд, снег и сонце, но не и од ветер и студ, посебно во зима. Отворен од сите страни, особено во зима со ниски температури и ветер, им создава проблеми на продавачите.

Тие од јавното комунално претпријатие „Дервен“ кое стопанисува со пазарот, како и од Општина Велес, која го изгради Горниот и се уште го гради долниот дел од пазарот, бараат да го затвори овој дел од пазарот.

Предлагаат да се затвори со ПВЦ профили или пластични фолии, а внатре да се постават грејни тела со кои ќе се загрева просторот. Со тоа, велат, пазарот ќе го заслужи епитетот современ затворен Градски пазар.

Поради ваквите услови, во текот на февруари, бројот на продавачи беше се’ помал. Тие велат дека поради условите во кои што работат, се повеќе продавачи се болни и не доаѓаат со денови на пазарот. Револтирани се од состојбата на новиот пазар кој, иако се нарекува затворен, сепак е отворен Градски пазар.

- Многу е ладно. Бараме од ЈКП „Дервен“ и општината некако да го решат проблемот. Да стават ПВЦ врати или церади, а внатре да има затоплување. Да имаме услови за работа. Плаќам по 2.200 денари за две тезги месечно, а немаме услови за работа, вели 77-годишниот Веселин Иванов од село Каратманово.

Дејан Банов од велешкото село Караслари вели дека сега се заштитени од дожд и снег, но дека мора нешто да се направи за да се затвори пазарот. 

И Ивица Николов, оризопроизводител од село Чешиново, посочува дека условите за работа не се добри.

-Сега новиот затворен пазар е идеално место за лето, но не и за зима и есен кога дува од сите страни, вели Николов.

Продавачите велат дека доколку не се преземе нешто, многу скоро ќе дојде и денот кога на велешкиот Градски пазар ќе нема кој да продава. Посочуваат дека за една тезга плаќаат околу 1000 денари, а немаат услови за работа. 

Незадоволи од состојбата се и купувачите. Тие во разговор за МИА потенцираат дека новиот пазар е постуден од стариот градски пазар кој бил на отворено. 

Од Општината децидни - работите се завршени

На прашањето на МИА дали горниот дел од затворениот Градски пазар на барање на продавачите и купувачите ќе се затвори, од Опшина Велес ни одговорија дека работите на горниот дел од пазарот се завршени.

- Фаза 2 од Градскиот пазар-горниот дел е во целост завршена, согласно проектот и нема што да се доработува, поставува и слично, стои во одговорот од Општина Велес.

Освен веќе готовата настрешница во горниот дел од затворениот Градски пазар, иста таква настрешница се гради и во долниот дел со што наскоро затворениот Градски пазар ќе има две отворени настрешници.

Изградбата на долниот дел од пазарот сеуште трае, иако рокот за изградба беше до 15 септември 2022 година. Од Општина Велес информираа дека поради незавршени обврски по договорот, направен е анекс на договорот со што рокот бил до 31 јануари годинава.

- Градежните работи и во овој рок не се завршени. После овој рок, на изведувачот започна да му се запираат казнени пенали согласно договорот, појаснуваат од Општина Велес.

Антоанела Димитриевска

Фото: МИА

Остани поврзан