• недела, 22 декември 2024

Тајван ги интензивира воените вежби - тестирана противвоздушната одбрана

Тајван ги интензивира воените вежби - тестирана противвоздушната одбрана

Тајпеј, 26 март 2024 (МИА) - Тајван денеска ја тестираше својата противвоздушна одбрана и најави дека ќе ги интензивира воените вежби поради честите воени активности на Кина во близина на островот

Командата на воздухопловните сили на Тајван во кусото соопштение наведе дека меѓу 5 и 7 часот утринава, по локално време, спровела „сеопфатни вежби за противвоздушна одбрана“ користејќи ракети земја-воздух од сопствено производство „Небеска стрела“(Sky Bow), како и американските „Патриот“, заедно со авиони и бродови на морнарицата.

„Соочени со кинеските авиони и бродови, што често пати навлегуваат во близина на морето и воздушниот простор на Тајван, Военото воздухопловство ќе продолжи да го зголемува интензитетот на вежбите за справување со потенцијалните закани“, соопштија од воздухопловните сили.

Говорејќи во Суао на источниот брег на Тајван, каде има голема поморска база, портпаролот на Министерството за одбрана, Сун Ли-Фанг, кажа дека иако нема директна врска помеѓу, како што ги нарече, рутинските годишни воени вежби, како овие, и актуелните тензии, заканата од Кина продолжува да расте .

-Многу е важно да ги зголемиме нашите севкупни воени капацитети, кажа портпаролот Сун до новинарите кои ја следат вежабата.

Кина тврди дека полага право на Тајван, но Тајпеј го отфрла ова и вели дека само жителите на островот имаат право да одлучуваат за иднината на Тајван. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан