• понеделник, 29 април 2024

Таравари за МИА: За државата е добро еднаш да има претседател од друга етничка заедница

Таравари за МИА: За државата е добро еднаш да има претседател од друга етничка заедница

Скопје, 7 април 2024 (МИА) – Транспарентноста и инклузивноста на претседателот се неопходни ако сакаме да функционира државата и да има внатрешна кохезија, вели во интервју за МИА кандидатот за претседател на здружената албанска опозиција, Арбен Таравари.

Смета дека е добро за државата еднаш да има претседател од друга етничка заедница, иако вели дека реално се уште не се созреани условите луѓето да гласаат за личност, а не за партија. 

-  Сите луѓе имаат добри страни и недостатоци. Мислам дека во Македонија е добро да се случи еднаш претседател на државата да биде од друга етничка заедница, иако реално мислам дека се уште не се созреани условите да гласаме за личност. Генерално, тука луѓето се многу партизирани иако на претседателски и локални избори повеќето граѓани гласаат за личноста, а не за партијата, вели Таравари. 

Верува дека има реални шанси да влезе во вториот круг од претседателските избори и се надева на поддршка не само од албанскиот гласач, туку и од другите етнички заедници. Таргетот, вели, секогаш е кај луѓето што не се определени и тие одлучуваат кој ќе победи.

– Иако генерално нашиот најголем таргет е албанскиот гласач, реално очекувам добра поддршка и од македонскиот гласач, од бошњачкиот гласач, турскиот гласач. .... На крајот на краиштата, граѓанинот е тој што одлучува, гласа и дава доверба на некого. Знам дека тие што се партиски луѓе гласаат за партијата, меѓутоа 40 проценти од луѓето не се во партија и тие се уште се неопределени и таргетот секогаш е кај луѓето што не се определени и тие одлучуваат кој ќе победи, посочува Таравари.

Европската интеграција, според него, останува главната работа за државата во овој период, а улогата на претседателот е да тежнее тој процес да се заврши побрзо.

-Не би сакал да се случи 2008 година кога не успеавме да бидеме дел од НАТО, па чекавме 10 години, нагласува Таравари. Првата работа што треба да ја направи претседателот на државата, вели Таравари, е да добие гаранции од Брисел дека уставните измени се последниот услов и дека по нивното усвојување, влезот на земјата во Унијата ќе биде побрз.

-  Претседателот може и да фасцилитира и да катализира да се случи тоа побрзо. Претседателот и треба да биде човек кој е натпартиски и кога станува претседател треба да ја игра улогата на внатрешна кохезија. Мислам дека како претседател на држава, прва посета што треба да се направи е Брисел – да се каже ова да биде последниот услов и да знаеме дека ќе ги направиме уставните измени и после тоа да започнеме да се интегрираме што побрзо. Да се побара една гаранција од Брисел дека веднаш после уставните промени, тој пат да биде што побрз за да стигнеме барем 2030 година да се реализира членството во Европската унија. нагласува Таравари.

Забележува дека процесот на носење на францускиот предлог требало да биде потранспарентен и поиклузивен и дека претседателот на државата тогаш требало да организира заедничка средба со партиите.

Доколку тогаш претседателот на државата ги викнеше сите партии и им побараше некаков фидбек, вели Таравари, денеска мислам ќе имавме уставни измени и ќе бевме со започнати преговори. 

- Сум кажал дека 2022 година мислам дека беше огромна грешка кога се носеше францускиот односно европскиот предлог за односите меѓу Македонија и Бугарија, мислам дека требаше процесот да биде поинклузивен и потранспарентен. Доколку тогаш претседателот на државата ги викнеше сите партии и ги презентираше ќе им побараше некаков фидбек и кога би било тоа еден заеднички продукт, посебно на поголемите македонски партии, мислам дека денеска ќе имавме уставни измени и ќе бевме со започнати преговори. Транспарентоста и инклузивноста на претседателот се неопходни ако сака да функционира државата и да има внатрешна кохезија не само етничка, и политичка, туку секаква, истакнува Таравари.

Смета дека штом се отвара Уставот можеби е добро да се размислува за нов устав затоа што, како што вели, Уставот е крпен, направени се многу промени и тој не одговара на реалноста. Останува на ставот претседателот на државата да се бира во Собранието, а се согласува и со тоа да се разговара во насока на зголемување на ингеренциите на претседателот. 

– Ние сме парламентарен политички систем. Ако сакаме, ајде да размислуваме и за претседателски систем, меѓутоа за Македонија и генерално во балканските држави, барем според експертите, подобро е да функционира парламентарниот систем. Претседателот да биде со овие ингеренции што ги има, евентуално може да се зголемат неговите ингеренции во надворешната политика, во неговото влијание врз кохезивноста и врз одредени закони, влијанието во судскиот систем... Оваа дебата треба да се отвори, а најдобро е да се отвори кога има избори, кога се кампањите кога има многу дебати меѓу кандидатите. Мислам дека овие теми треба да ги разговараме меѓу нас отворено со цел да постигнеме продукт којшто ќе биде поприфатлив за сите нас, нагласува Таравари во интервјуто.

На 24 април очекува промена на албанската политичка сцена. Вели дека е добро и за ДУИ и за државата, оваа партија да оди во опозиција.

- За мене е многу важно да го одржам зборот, да донесеме промена, нова генерација на политичари и мислам дека на 24 април и на 8 мај ќе се случи промената после 22-23 години во албанскиот политички блок, додава Таравари. 

- Во македонскиот блок веќе два, три, четири пати се менуваат премиери, а во албанскиот блок останува иста гарнитура на политичари. За доброто на ДУИ е еден период да оди во опозиција. Една партија не е партија, ако не отишла никогаш во опозиција. И за државата е добро бидејќи многу се инфлитрирани во сите институции, дури веќе има и токсичен ефект и трето за Албанците, да видиме една нова генерација на политичари како ќе раководат. Гостивар и Тетово се пример на многу подобро менаџирање отколку од нашите претходници кои беа градоначалници од ДУИ така што го почитувам и ставот на г. Села кој мисли дека треба да се биде со ДУИ. Нека си продолжат со ДУИ, а ние ќе го водиме нашиот натпревар, нашата политичка битка за да го одржиме нашиот збор за којшто почнавме, истакнува Таравари.

За приклучувањето кон албанската опозиција, вели дека тоа е едиствениот начин за да се донесе промената во албанскиот политички блок и да се симне ДУИ од власт затоа што искуството од 2011 година наваму покажало дека гласачот Албанец гласа против ДУИ.

- Јас кажав дека ако одиме сами ќе земеме неколку пратенички места, а и албанската опозиција ќе земе неколку пратеници, но едно е сигурно, дека ДУИ ќе победи. Реков дека единствен начин за да се донесе промената е да се здружи Алијанса на Албанците со опозицијата бидејќи Албанците во Македонија од 2011 година гласаат против ДУИ. Зошто? 2011 година, партијата на Руфи Османи, на Тачи и на Имер Селмани имаа околу 20-30 илјади гласови повеќе од ДУИ, значи гласачот Алабанец гласаше против ДУИ, меѓутоа политичарите не можеа да најдат заеднички јазик. Во 2016 година, БЕСА и Алијанса за Албанците заедно имаа многу повеќе гласови отколку ДУИ. Повторно гласачот Алабанец гласал за промена, против ДУИ...., нагласува Таравари.

За коалицирањето на крилото на Зијадин Села со ДУИ, Таравари вели дека тоа е легитимно право, но дека поважна е конзистентноста на ставовите на политичарите. Посочува дека од формирањето, каузата на партијата е промена во албанскиот блок.

- Ние како политичка партија Алијанса за Албанците започнавме 2014-2015 година како фракција од ДПА. Главната кауза наша беше дека не можеме со тогашниот и сегашен претседател на ДПА бидејќи тој соработува со ДУИ, никогаш не сака да ги победи изборите, туку на некаков начин е лажна опозиција. Излеговме и кажавме дека ние сме поинакви, мислиме дека навистина треба да ги донесеме промените и дека мандатот на претседателот на партијата треба да биде два мандата, не повеќе. И така се развивавме како партија и го придобивме генерално опозициското албанско гласачко тело. 2020 година беше наша кулминација, најдобар изборен резултат заедно со Алтернатива -12 пратенички места и три општини, меѓутоа цело време нашата кауза беше промена во албанскиот блок, значи опозициски кон ДУИ, појаснува Таравари.

Без разлика кој и да биде избран за претседател, за пет години сака да ја види државата на самиот финиш пред влез во Европската унија, како држава пример на Балканот во која ќе има многу инвестиции, во која ќе функционираат институциите на системот и во која граѓаните ќе имаат доверба, држава со плати блиски до европските со што ќе се поттикнат оние граѓани што работат во странство да се вратат назад во сопствената држава. 

Билјана Анастасова-Костиќ

Фото: МИА

Видео: Андреј Бранковиќ и Владимир Рабасовиќ

Остани поврзан