• недела, 22 декември 2024

Министерството за економија и труд со нови субвенции за занаетчиите, повиците отворени до 1 октомври

Министерството за економија и труд со нови субвенции за занаетчиите, повиците отворени до 1 октомври

Скопје, 26 јули 2024 (МИА) – Министерството за економија и труд ќе ги субвенционира занаетчиите преку кофинансирање на 40 проценти од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари по барател, направени зa набавка на нови машини или алати и дизајн на нов производ.

Како што информираше денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, пред посетата на занаетчиските дуќани во Старата Скопска Чаршија, за повикот се предвидени 6.500.000 денари од Буџетот на Министерството.

Министерството за економија и труд денеска објави пет јавни повици согласно Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на мали и средни претпријатија за 2024 година, за што ка

- На јавниот повик може да аплицираат активни регистрирани занаетчии и вршители на занаетчиска дејност, да не е отворена стечајна постапка за нив, да немаат долгови кон државата и кон вработените, да работеле најмалку една година пред објавување на јавниот повик и да немаат добиено финансиски средства по јавните повици на Министерството за економија во изминатите три години, изјави Дурмиши.

Во насока на развој и поддршка на занаетчиството, Министерството за економија и труд минатата недела објави и повик за поддршка на здруженија и занаетчиски комори за проекти во делот на организирање на обуки за поединечни занаетчиски дејности и креативни занаети, организирање на форуми и промотивни активности и обуки за јакнење на свеста за придобивките од легализација на занетчискиот бизнис.

- Сакам да ги уверам дека нема да застанеме тука и дека и во иднина ќе креираме мерки и политики за поддршка на занаетчиите бидејќи занаетчиството е фактор за економски развој во нашата земја. Министерството за економија останува посветено и отворено за предлози кои имаат за цел развојот на занаетчиството во Република Северна Македонија, им порача Дурмиши на занаетчиите.

Јавните повици се објавени на веб-страната на Министерството за економија и труд, а занаетчиите и занаетчиските здруженија може да аплицираат најдоцна до 1 октомври годинава.

Во посета на занаетчиските дуќани денеска покрај министерот за економија и труд, беше и првиот вицепремиер и министер за животна средина. Изет Меџити, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, и пратеникот Беким Сали. ар/бак/


Фото:МИА архива 

Остани поврзан