• сабота, 23 ноември 2024

Суперизборна недела во Еропа - се гласа во седум држави

Суперизборна недела во Еропа - се гласа во седум држави

Скопје, 2 април 2023 (МИА) - Во седум земји во Европа денеска се одржуваат избори - претседателски во Црна Гора, парламентарни во Бугарија, Финска и Андора, четири изборни единици во Франција гласаат за свој претставник во Парламентот, а во Италија и Швајцарија има регионални избори.

Во Финска се одржуваат парламентарни избори, а резултатот ќе ја одреди политичката иднина на премиерката Сана Марин. Анкетите, спроведени од „Јуроп електс“, што ги пренесува пренесува Еурактив, покажуваат дека коалиција од пет партии, во која е и Марин, што ја сочинуваат Социјалдемократската партија, Партијата Кеск, Зелените, Левицата и либералната Шведска народна партија, најверојатно ќе го задржат мнозинството.

Сепак, постои можност централно-десничарската партија Кок (дел од ЕПП групата во Европскиот парламент) да се покаже како најсилна партија, и да ги симне од власт социјалдемократите. Кок долго време го поддржуваше членството на Финска во НАТО, што може да ја објасни зголемената поддршка за партијата во споредба со претходните избори. Од друга страна, се очекува десничарската партија Вистински Финци (ПС), која е во сојуз со Националното движење на Марин Ле Пен и Лигата на Матео Салвини во Европскиот парламент, малку да ја подобри својата позиција во однос на изборите во 2019 година, што може да доведе до тоа ПС да има најсилни перформанси во националниот парламент досега.

Во Бугарија се одржуваат петтите предвремени избори за помалку од две години, а анкетите покажуваат дека сојузот „Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија“ е речиси изедначен со централно-десничарската коалиција ГЕРБ-СДС, предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов.

И двата проевропски сојуза имаат поддршка по околу 26 отсто од гласовите, но сè уште не се знае кој ќе ја формира владата, особено што е неизвесно дали некои помали партии ќе го поминат прагот од четири отсто. ДПС и екстремно десничарската партија „Преродба“ се на третото место со околу 13 отсто поддршка, додека на БСП и се прогнозираат осум отсто, што би бил нивниот најлош изборен резултат досега.

Малку е веројатно дека и овие избори ќе резултираат со посакуваната промена за Бугарија, која подолг период се бори да формира трајна владина коалиција, што доведе до повеќекратни предвремени избори од април 2021 година.

Гласачите во Црна Гора денеска излегуваат на гласање во вториот круг од претседателските избори, по што може да се случи ДПС првпат да ја загуби претседателската функција.

Кандидатот на „Европа сега“ Јаков Милатовиќ има реални шанси да го победи Мило Ѓукановиќ, кој како претседател или премиер управува со земјата од 1990 година.

Еурактив потсетува дека Ѓукановиќ го распушти парламентот три дена пред првиот круг од изборите, откако партиите не успеаја да формираат нова влада, а предвремените парламентарни избори се закажани за 11 јуни годинава.

Во Франција во екот на протестите за пензиските реформи, гласачите во четири од 577 изборни единици ќе излезат на гласање за да изберат свои претставници во Парламентот.

Во изборната единица Ариеж на југот на Франција традиционално на власт се партиите од левиот центар, што најверојатно нема да се промени, бидејќи во првиот круг беа елиминирани кандидатите од левиот центар и либералите. Во преостанатите три единици, гласачите кои живеат во Израел, Италија, Грција, Кипар, Турција, Магреб, Западна Африка, Карибите и Латинска Америка излегуваат на гласање во првиот круг од изборите за вкупно тројца пратеници. Едно место има центристичката партија УДИ, едно централно-левичарската партија „Генерација“ и едно место партијата Преродба на претседателот Макрон.

Во Италија денеска и утре во Фриули Венеција Џулија ќе се одржат регионални избори, кои ќе бидат тест за десничарската алијанса на премиерката Џорија Мелони, чија партија „Браќа на Италија“ постигна историски резултат на последните регионални избори.

Сепак, добар дел од поддршката на нејзината партија дојде од Лигата на Матео Салвини и Форца Италија на Силвио Берлускони. Не беа објавени предизборни анкети.

Во Сан Марино на секои шест месеци се избира нов шеф на државата, односно според распоредот тоа ќе се случува во недела. Сегашниот шеф на државата е Алеандро Скарано, член на Самарската Христијанско-демократска партија.

Гласачите во Андора избираат нов национален парламент на 2 април, но досега сите излезни анкети се покажаа како неточни поради малиот број анкетирани. Актуелната влада е предводена од централно-десничарската ДА заедно со либералната ЛА и новоформираната партија Ацио како помали коалициски партнери. Алијансата на левиот центар во која доминира ПС ја предводи опозицијата, а се прогнозира дека две нови партии можат да освојат значителни гласови - еколошката партија Конкордија и партијата Ендавант. Андора не е членка на Европската унија, но либералните и левичарските партии се залагаат за поцврсти врски со блокот.

Во Швајцарија се избираат нови регионални парламенти во Женева, Луцерн и Тичино, а изборите се важен тест за партиите пред националните парламентарни избори подоцна оваа година. Во Женева и Луцерн се одржува и првиот круг од изборите за регионална влада./

Фото: Еурактив

Остани поврзан