• понеделник, 25 ноември 2024

Сунак: Ништо нема да ни застане на патот за да се реализираат летовите за Руанда

Сунак: Ништо нема да ни застане на патот за да се реализираат летовите за Руанда

Лондон, 23 април 2024 (МИА) – Британскиот премиер Риши Сунак, по вчерашното усвојувањето на Законот за Руанда од страна на Горниот дом на Парламентот, истакна дека „ништо нема да ни застане на патот“ и оти авионите за африканската земја ќе полетаат за 10 до 12 недели.

- Донесувањето на оваа значајна легислатива не е само чекор напред, туку суштинска промена во глобалната равенка за миграцијата. Го воведовме предлог-законот за Руанда за да ги одвратиме ранливите мигранти од опасни премини и да го скршиме бизнис моделот на криминалните банди кои ги експлоатираат. Донесувањето на оваа легислатива ќе ни овозможи да го направиме тоа и многу јасно ќе ни даде до знаење дека ако нелегално дојдете овде, нема да можете да останете, посочи Сунак.

Откако Законот за Руанда ќе добие кралска согласност, што се очекува во наредните денови, ќе започне процесот на ратификација на договорот подготвен со Руанда.

Запирањето на протокот на мигранти е приоритет за Владата, но критичарите велат дека планот да се депортираат луѓе во Руанда наместо да се работи со барателите на азил во Велика Британија е нехуман. Тие ја наведуваат загриженоста за состојбата со човековите права во источноафриканската земја и ризикот барателите на азил да бидат вратени назад во земјите каде што се соочуваат со опасност. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан