• недела, 22 декември 2024

Сунак: Велика Британија ги поддржува напорите на САД за постигнување прекин на огнот во Газа

Сунак: Велика Британија ги поддржува напорите на САД за постигнување прекин на огнот во Газа

Лондон, 28 февруари 2024 (МИА) - Британскиот премиер Риши Сунак денеска ја истакна поддршката на Велика Британија за напорите на Вашингтон за постигнување договор за прекин на огнот во Појасот Газа, но и изрази загриженост доколку договорот пропадне „во рок од неколку дена“.

Обраќајќи им се на парламентарците во Долниот дом, Сунак одговори на прашањето дали го дели истиот став како и американскиот претседател Џо Бајден, кој неодамна изјави дека се надева дека преговорите за прекин на огнот ќе завршат до крајот на претстојниот викенд.

Тој додаде дека Обединетото Кралство треба да се гордее со својот придонес во „помошта за спасување животи“ на жителите на Газа.

Американскиот претседател неодамна изјави дека доколку се постигне договор за размена на затвореници, Израел ќе ја запре војната во Газа во текот на месецот на Рамазан.

– Рамазан се приближува, а Израелците се договорија дека нема да се впуштаат во активности ниту за време на Рамазан, за да ни дадат време да ги извлечеме сите заложници – рече Бајден. Претходно тој изрази надеж дека до 4 март ќе се постигне прекин на огнот.

И египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси денеска изрази надеж дека во наредните денови ќе биде постигнат договор за прекин на огнот во Појасот Газа. 

- Се надеваме дека ќе се постигне прекин на огнот во наредните денови за да може да започне вистинско олеснување за луѓето од Појасот Газа на сите полиња, рече Ал Сиси во египетската престолнина Каиро. ссм/

фото: архива

Остани поврзан