Судот во Иран ги намали затворските казни на две новинарки
- Судот во Иран ги намали затворските казни за две новинарки, кои беа обвинети за соработка со САД и поради нивното известување за смртта на Махса Амини во 2022 година
Техеран, 13 октомври 2024 (МИА) – Судот во Иран ги намали затворските казни за две новинарки, кои беа обвинети за соработка со САД и поради нивното известување за смртта на Махса Амини во 2022 година.
Новинарките Никофар Хамеди и Елахе Мохамади пред една година беа осудени на 13 односно на 12 години затвор, но судот сега ги намали нивните казни на пет години.
Тие се ослободени од обвинението дека соработувале со САД, но остануваат во затвор поради тоа што известувале за смртта на Амини.
Иранката со курдско потекло, Амини (22) почина на 16 септември 2022 година во болница, три дена откако беше уапсена од припадници на полицијата за морал поради непочитување на строгиот ирански кодекс на облекување и одведена во „центар за превоспитување“ каде беше претепана. Таа беше приведена бидејќи неправилно го носела хиџабот односно и се гледала косата.
Нејзината смрт предизвика повеќемесечни протести, што прераснаа во повици за бунт против ајатолахот Хамнеи и теократската Влада. Протестите се одржуваа под мотото „Жена, живот, слобода“. Во задушувањето на протестите загинаа над 500 луѓе, а повеќе од 22.000 беа приведени.
Независна меѓународна мисија за проверка на факти на Обединетите нации за Иран на 18 март годинава објави дека смртта на Амини е незаконска и предизвикана од насилство. ми/
фото: МИА архива