Струмичани за рекордно време ја искористија општинската субвенција за купување нов велосипед
- Струмичани за рекордно време ја искористија општинската субвенција за купување нов велосиспед. За само пет денови на јавниот повик аплицирале над 100 граѓани, кои ја искористиле субвенцијата во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот и заштитната опрема, но не повеќе од 10 илјади денари по лице.
Струмица, 6 мај 2025 (МИА) - Струмичани за рекордно време ја искористија општинската субвенција за купување нов велосиспед. За само пет денови на јавниот повик аплицирале над 100 граѓани, кои ја искористиле субвенцијата во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот и заштитната опрема, но не повеќе од 10 илјади денари по лице.
Општината информираше дека средствата предвидени за Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на Општина Струмица, за купување на велосипед или велосипед со заштитна опрема (кацига, ракавици, штитници, велосипедско светло) за 2025 година, се во целост искористени заклучно со вчера.
Вкупниот буџет на овој повик изнесуваше 800.000 денари, а според објавата на градоначалникот, Костадин Костадинов, Струмица има најдобра велосипедска инфраструктура и затоа таа треба да се искористи.
-Да ги оставиме автомобилите и да возиме велосипеди. До 2026 година ќе имаме вкупно 18 километри велосипедски патеки. Тоа е најдоброто што можеме да го направиме за своето здравје и за средината во којашто живееме. Покрај патеките ви нудиме и можност доколку немате велосипед да си купите, а ние ќе субвенционираме, напиша струмичкиот градоначалник на неговиот фејсбук профил по објавата на јавниот повик.
Право на учество на повикот имаа жителите на Општина Струмица, кои ќе купат нов велосипед во Република Северна Македонија и ги исполнуваат условите од повикот и да немаат искористено субвенција, односно тие што добиле порано немаа право да учествуваат. рт/са/
Фото: Општина Струмица