Стружани ја искористија можноста за бесплатен скрининг за болести на црниот дроб
- Стотина лица денеска во Струга ја искористија можноста за бесплатен скрининг за навремено детектирање на болести на црн дроб во рамките на кампањата на Министерството за здравство, Хепар Центар-Битола и клиниките за гастроентерохепатологија и инфективни болести.
Струга, 1 август 2025 (МИА) - Стотина лица денеска во Струга ја искористија можноста за бесплатен скрининг за навремено детектирање на болести на црн дроб во рамките на кампањата на Министерството за здравство, Хепар Центар-Битола и клиниките за гастроентерохепатологија и инфективни болести.
Според Милан Мишковиќ од Хепар Центар-Битола, повеќе од 40 лица направиле фиброскен за хепатит Б и 60-тина се тестирале за ХДВ ХЦВ И ХИВ.
- Интересот за тестирање во Струга беше голем. Најголем проблем, односно над 25 отсто од тестираните имаат проблем со замастување на црниот дроб, а кај четири-пет лица регистриравме цирози, кои ќе бидат препратени на натамошни иследувања на клиниките во Скопје, истакна Мишковиќ.
Раните сркининзи, според него, даваат резултати.
- Граѓаните да се тестираат почесто, посебно ризичните категории, оние кои имаат проблем со холестерол, дијабетес, кардиоваскуларни заболувања, апелира Мишковиќ.
Доктор Арзана Хасани Јусуфи од Клиниката за гастроентерохепатологија на присутните им препорача да внимаваат при исхраната и козумирањето алкохол, како и одредени суплементи за намалување на оштетувањата и замастувањата.
Националната кампања за бесплатен скрининг за хепатитис Б, хепатитис Ц и ХИВ, како и еластографија за хронични црнодробни заболувања се одвива под мотото „Елиминација е можно – тестирај се денес!“, а ќе се реализира во Куманово, Тетово, Гостивар, Струга, Охрид, Битола, Прилеп, Штип и Гевгелија. сс/вј/
Фото: МИА