• понеделник, 17 јуни 2024

Стопанска комора: Владата нема доволно слух за бизнисот, идниот состав да преземе итни мерки против сивата економија

Стопанска комора: Владата нема доволно слух за бизнисот, идниот состав да преземе итни мерки против сивата економија

Скопје, 16 февруари 2024 (МИА) - Да се воведе давачка од 0,5 отсто при подигање готовина од банка и тие средства да одат за државата, а парите кои наскоро ќе треба да се означат со „Северна Македонија“ воедно да се номинираат, за да се знае на кого од каде му се и дали се легални. Ова се двете клучни мерки што ги предлага Стопанската комора за ефикасна борба против сивата економија.

Како што беше речено на денешната трибина, сивата екомонија оперира со кешот кој ја подмачкува корупцијата. Ако ја сведеме на 19 отсто, како во земјите-членки на ЕУ, би се наплатиле многу повеќе буџетски приоходи, меѓу 450 и 650 милиони евра, со кои за три години би се собрале средства за изградба на коридорите 8 и 10д, а би можеле да се платат и трошоците за стоки и услуги на сите буџетски корисници.

-Проблемот со сивата економија опстојува долго зашто не сакаме да се соочиме со него и зашто не ги кажуваме работите со вистинското име. Опфаќа законски дозволени активности со кои се прави даночно затајување. Со поимот сиво, како да сакаме да кажеме дека не е се толку црно, а во основа, се работи за незаконска економија. Според нашите пресмекти, сивата економија создава околу една третина од БДП. Постои и во земјите членки на ЕУ, таму е околу 19 отсто, па кога би се свеле на тоа ниво, би можеле да наплатиме многу повеќе буџетски приоходи, меѓу 450 и 650 милиони евра со кои за три години би се собрале приходи за изградба на коридорите 8 и 10д, а би можеле да ги платиме и трошоците за стоки и услуги на сите буџетски корисници, истакна професорот Александар Стојков.

Според потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски, на сите им е јасен проблемот со сивата економија, и на прватниот сектор и на Владата, но прашањето е дали има политичка волја, храброст и цврста решеност да се направи нешто за нејзино сузбивање.

-Секо изгубен ден, без резултати, лошите од сивата економија ги прави помоќни, а добрите од формалниот сектор поизложени на ризици од нови давачки, напомена Јовановски.

Даночниот експерт Павле Гацов подвлече дека главен фактор на сивата економија е готовината и затоа таа треба таа да се истиснува од финансискиот систем. 

-Нашиот буџет работи на кеш принцип, таму ги има само уплатите и исплатите, но, има скриена лавина од обврски кои може да се прочитаат на веб страницата на Министерството за финаниии под „СПО“. Ги крие обврските на државата, годинава и следните две години, а во моментот изнесуваат 800 милиони евра и тоа не го пишува во Буџетот. Државата има и побарувања, ги објавува УЈП секој месец и се околу 150 милиони евра. На она што го имаме како дефицит, додајте ги овие разлики, 650 милиони евра, тоа е моментната буџетска позиција на македонската држава. Ова покажува дека во буџетскиот сектор  треба да се направи сериозна редефиниција на известувањето зашто од 31 стандард имаме преведено само еден, за кеш - применување на кеш принципот на водење евиденција, рече Гацов и потенцира дека „ако новата власт, која и да е, со стари или нови кадри, најдоцна за шест до 12 месеци по изборот не покрене активности, тогаш ќе го гледаме истиот филм“. 

Тој оцени и дека има лавина проблеми на расходната страна на Буџетот, поради што таму е потребен, како што рече, сериозен надзор од експертската јавност.

-Ниту еден од нас не видел отчетност, политичарите лагодно се однесуваат и тоа е својствено за нив. Исто така, немаме модерен систем во буџетска, известувачка, финансиска  смисла, туку работиме со систем од 20-ти век, предочи Гацов. 

Заедничка беше констатацијата на учесниците дека мора да има тесна поврзаност меѓу науката, производството и политката. 

Претседателот на Комората Бранко Азески, преку пуштање тонска снимка, се обиде накусо да објасни како изгледа една средба со владини претставници на која бизнисот сака да ги каже приоритетите и проблемите. 

-Ќе си одам јас ама ќе останат министрите тука, му рекол премиерот, но министрите, објасни Азески, си оделе пред премиерот.

-Не може таков однос, треба да имаш респект за да влезеш во оваа куќа, а ако немаш, не влегувај. Ако не ти требаа оваа куќа, избриши ја, рече Азески. 

На трибината беше промовирана книгата „Стратешки документи на Комората” која базира на четири стратешки докумети: Време е за промена на досегашниот модел на економски развој, Модерна реиндустријализација и структурна трансформација на извозот како фундаментални процеси во забрзување на растот на македонската економија, „Сивиот дел” на македонската економија: големина, импликации, решенија и Декларација за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки. мч/лв/

фото: МИА

Остани поврзан