• четврток, 19 декември 2024

Стерјовски бара објаснување од министерoт Клоси за еколошката катастрофа што му се заканува на Преспанско Езеро

Стерјовски бара објаснување од  министерoт Клоси за еколошката катастрофа што му се заканува на Преспанско Езеро
Тирана, 28 февруари 2020 (МИА) - Пратеникот од македонската партија Македонска алијанса за европска интеграција во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски, побара на собраниска седница министерот за туризам и животна средина, Бленди Клоси, да даде објаснување за неколку прашања, меѓу кои и за еколошката катастрофа која му се заканува на Преспанското Езеро. - Во дописот до претседателот на Парламентот барам објаснување за еколошката катастрофа која му се заканува на Преспанското Езеро кое изгуби вода на висина од три метри како резултат на сушата и климатските промени и од 2018, до денес, е повлечено најмалку 180 до 200 метри. Преспанското Езеро ги спојува териториите на Албанија, Македонија и Грција и претставува проблем што ги зафаќа сите три држави кои го делат брегот на езерото и треба да се преземат заеднички активности за да се забави оваа природна непогода, изјави Стерјовски за МИА. Посочи дека бара објаснување дали Министерството ја следи состојбата и дали ќе преземе некакви мерки или планира спроведување проекти заедно со соседните земји. Второ прашање за кое тој бара објаснување е Националниот парк „Преспа“, кој поради богатиот биодиверзитет за национален парк е прогласен во февруари 1999 годна, од кога Министертвото во соработка со странски донатори реализирало низа проекти вредни милиони евра, а животот на жителите воопшто не е подобрен, како што се очекувало. - За жал овие проекти не придонесоа за намалување на сиромаштијата во областа, ниту за заштита на животната средина во Националниот парк „Преспа“, чија територија во 90 отсто опфаќа територија на Општина Пустец. Дури и до денес, жителите страдаат за вода за пиење, нема канализација и отпадните води се испуштаат во езерото, не се управува со отпадот. Во јануари 2016 година, потпишан е владин договор „Прекуграничен резерват на биосферата Преспа“, според кој германската Влада ја финансираше втората фаза од проектот со грант од 3,5 милиони евра, со времетраење од 2016 до 2020 година. Ова е четврта година од имплементацијата на овој проект и нема реални инвестиции поддржани од овој проект во областа на паркот Преспа, пишува во образложението на барањето. Според Стерјовски, согласно Деловникот за работа на Собранието, Клоси треба најдоцна во рок од 20 дена да даде објаснувања пред народните избраници. вт/рп/

Остани поврзан