• понеделник, 23 декември 2024

Стевановиќ за МИА: Кога би се однесувале соодветно од продавница до попис нема да имаме никакви проблеми

Стевановиќ за МИА: Кога би се однесувале соодветно од продавница до попис нема да имаме никакви проблеми
Скопје, 13 март 2021 (МИА) - Почитувањето на мерките е стожерот во спречувањето на ширењето на коронавирусот, вели директорката на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби - Скопје, Милена Стевановиќ, која во интервју за МИА, посочи дека сепак зголемениот број на случаи изминатиот период се должи и на британскиот сој, кој полесно се пренесува. Според неа, одговорноста за зголемување на новозаболените, чија бројка на дневно ниво во билтените на Министерството за здравство достигнува над 900 случаи, ја има и високиот процент од околу 70 отсто на асцилирање на британскиот сој. Стевановиќ нагласува дека болничките капацитети се практично пополнети, поради што е отворена и модуларната болница, но напоменува дека засега состојбата е стабилна со оглед на тоа што има постојан испис, а потоа упис на новопримени пациенти кои имаат потреба од болничко лекување. За пописот, кој треба да почне на 1 април, Стевановиќ нагласува дека е донесен Протокол, во кој детално се обработени мерките и кој, како што рече, обезбедува апсолутно сигурни услови за спроведување на операцијата. Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година беше усвоен од Владата на 2 март, на предлог на Комисијата за заразни болести, во која членува и Стевановиќ. - Колку што јас го знам, а го знам до детали протоколот и гарантирам негова ефикасност во смисла на обезбедувањата, не можам да предвидам колку од луѓето стравуваат или не стравуваат и дали би ги пуштиле попишувачите или не секако, но исто така верувам дека ако се плашат граѓаните, можеби сега, знаете како е, сепак зборува - еден бел мантил тука кој 13 месеци се бори со Ковид-19 и имаше прилика да види различни состојби. Ако граѓаните се плашат толку колку што барем ни се презентира дека се плашат од Ковид инфекцијата немаше да имаме ние толкави бројки. Навистина сметам дека нашето однесување мораме да го донесеме до максимум сериозен однос кон ширењето на инфекцијата и ако се придржуваме до се нема да има проблем ниту за попис, ниту за какво било ширење од друг извор, можен извор или ризик на инфекцијата. Повеќе од сигурна сум дека кога би се однесувале соодветно секаде од продавница до попис, нема да имаме никаков проблем, вели Стевановиќ во интервјуто за МИА. За текот на вакцинацијата, која почна со Спутник V, како и ревакцинацијата со Фајзер кај здравствените работници зборувавме со Стевановиќ во интервјуто за МИА, потенцира дека засега нема пријавено некои поголеми несакани ефекти од двете вакцини. Имало алергиски реакции, но навремено и соодветно се реагирало. Таа вели дека вакцинацијата е добро организирана и засега тече без проблеми, но предупредува дека со примањето на вакцината не значи дека граѓанинот е веднаш заштитен. Секоја вакцина е различна и оние што ги имаме моментално и оние кои се очекуваат, потребен е различен временски период за да се стекне имунитетот, а Стевановиќ апелира секој што ќе прими вакцина да продолжи да ги почитува мерките. - Ние сме сведоци на известувања од целиот свет каде што е почнат процесот на вакцинација дека има голем број на луѓе кои после давањето на првата вакцина пројавиле симптоми и биле позитивни. Тоа само значи дека не се дочувале во периодот по вакцинирањето и не ги применувале мерките, вели Стевановиќ. Изминатиот период забележан е раст на бројот на заразени со Ковид -19, достигнавме бројка над 900 на дневно ниво. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје има зголемување за 23 отсто на случаите во однос на минатата недела. На што се должи ова зголемување?   - Зголемувањето на бројката на нови инфицирани секогаш се должи пред се на непочитување на мерките. Се разбира и еден висок процент од околу 70 отсто на асцилирање на британскиот сој носи со себе своја одговорност за покачувањето на бројките, со тоа што една од неговите карактеристики е побрзо, полесно ширење меѓу популацијата. Но, пред се, е непочитувањето на мерките.   Изминатиот период е забележано и пополнување на болничките капацитети. Над 900 пациенти се хоспитализирани во инфективните одделенија во земјава, во Скопје околу 350. Каква е состојбата на Инфективната клиника? Дали има слободни кревети? - Болничките капацитети се практично пополнети, токму заради тоа повторно е отворена и модуларната болница, токму поради тоа се отвораат и интернистичките оддели повторно и тоа се разбира се должи на зголемениот број на новоинфицирани. Има стравувањата од појава на пациенти кои ќе имаат потреба од болничко лекување, така што многу интензивно се трудиме да испишуваме пациенти, но исто така и да примаме, така што практично испис за прием се случува и на тој начин се трудиме да дадеме здравствена грижа, нега, третман на секој еден пациент кој има потреба од лекување. Јас очекував дека и до крајот и тогаш кога ќе се затворат сите останати оддели, Инфективната клиника веројатно повторно ќе биде со максимално исполнети капацитети, додека конечно не го затвориме и последниот Ковид-центар, односно Клиниката за инфективни болести.   Во средата почна вакцинацијата со руската вакцина Спутник V. Првиот ден се вакцинираа околу 180 лица во Поликлиниката „Јане Сандански“, се ревакцинираат и здравствените работници. Како тече целокупниот процес? Дали досега има некакви несакани ефекти од вакцините?  - Она што е информација која јас ја имам, а која е официјално и на веб-страната и на веб-страната на МАЛМЕД се пријавува од страна на примателите на вакцината дека практично немаме некои поголеми несакани ефекти или реакции од вакцините, вклучувајќи ја и таа на Фајзер и оваа на Спутник, со која е отпочното вакцинирањето. Процесот оди глатко, брзо, многу добро организирано и тоа е еден од најзначајните елементи за спроведување на успешен процес на вакцинација. Забележани се некои алергични реакции, за кои е реагирано соодветно како што треба и јас мислам дека ваквиот систем на вакцинирање, добро организиран процес на вакцинирање, ќе придонесе да истото успешно го спроведеме врз целата популација.   Како што најавуваат властите, кон крајот на месецот треба да пристигне и поголема количина на вакцини. Колкав временски период е потребен за имунизација на населението за стекнување на некаков колективен имунитет?  - Мора целото население, секој еден да знае дека со денот на ставањето на вакцината не се постигнува имунитет. Вакцините се различни. Она што е најзначајно да се знае е дека тие сите се апсолутно безбедни и апсолутно ефикасни. Не е тоа само наше мислење, тоа е мислење по спроведени навистина огромен број на вакцинации низ целиот свет. Тие сите имаат некоја своја карактеристика која треба навистина максимално да се искористи, дадена од производителот пред се, а тоа е најсигурниот извор на информација. Колкаво ќе биде времето, какви ќе бидат дозите, како и колку пати ќе има потреба со колку дози да се спроведе вакцинирањето кај различна популација ќе зависи пред се од типот на вакцината. Оттука и брзината на создавањето на имунитетот. Јас искрено верувам дека на вака добро организиран процес со максимално ангажирање на здравствениот персонал, меѓутоа и на секој еден поединец кој ќе дојде да се вакцинира ќе постигнеме брз имун одговор кај вакцинираните. Но, повторувам, зависно од секоја вакцина е и времетраењето на создавањето на имунитетот, а секој еден треба да знае дека мора да се сочува и да ги применува максимално мерките на заштита по периодот на вакцинирање, се додека тој не се стекне имунитет.   Тоа значи дека откако ќе примиме вакцина не треба да се опуштиме, дека за имунитетот во зависност од видот на вакцината потребен е одреден период за да се стекне?   - Да. Ние сме сведоци на известувања од целиот свет каде што е почнат процесот на вакцинација дека има голем број на луѓе кои после давањето на првата вакцина пројавиле симптоми и биле позитивни. Тоа само значи дека не се дочувале во периодот по вакцинирањето и не ги применувале мерките. Јас знам дека сите ние очекуваме што побрзо да ги фрлиме маските, но не треба да бидеме нетрпеливи. Помина навистина многу долго време, навистина мораме да се стрпиме и во периодот и по вакцинирањето се додека не стекнеме имунитет.   Дали вие како здравствен работник се вакциниравте?  - Не, јас се уште не сум вакцинирана, но причина за тоа не е недовербата во вакцината, која било, туку поради тоа што пред многу кратко време ја поминав инфекцијата, па очекувам да ја примам вакцината некаде на лето или можеби пролет.   Откако некој ќе заболи од Ковид-19 потребно е да помине одреден временски период за да се вакцинира?  - Да, зависно и од тежината на болеста, зависно и од времето кога е помината инфекцијата и тоа секако ќе биде достапно за секој еден пациент како информација кога да се пристапи кон вакцинирањето. Во моментов во секој случај предност имаат сите оние кои не ја прележале инфекцијата.   Од средата повторно сме во полициски час.  Мерка според која од 22 до 5 часот наутро нема движење. Дали сметате дека ова мерка ќе придонесе за спречување на ширење на коронавирусот? Имаше различни мислења во јавноста.  - Знаете како. Различни мислења ние секогаш имаме, веројатно сме и популација - нација која секогаш размислува од секој возможен аспект и тоа е добро од една страна. Но, мислам дека во овој момент наспроти различните мислења треба да бидеме малку попослушни. Секоја мерка која се спроведува има своја причина зошто е донесена, има бенефит од неа. Така што, повторувам повторно не постои мерка која е лоша, има само мерка која не се применува и мерка која зависно од нејзиното применување ќе даде поголем или помал ефект на ширењето на инфекцијата.   Зошто според Вас токму движењето после 22 часот?  - Па знаете како, ние сите сведочиме, сите тие што мислат различно и ги гледаат сите овие слики што на социјалните мрежи многу брзо се шират на собирање на млади луѓе, посебно сега откако се стопли и времето, малку интензивно комуницирање, по цели ноќи журка на различен дел и надвор и внатре, се надеваме дека барем еден дел од високоризичното однесување, пред се на младите дека би го спречиле на овој начин.   Се ближи одржувањето на пописот. Први април не е далеку, теренскиот дел, кога попишувачите ќе влегуваат во домовите на граѓаните. Попис сме немале речиси 20 години, но сепак е пандемија. Како според Вас како здравствен работник да се спроведе оваа операција, но и да се поведе сметка за здравјето на граѓаните?  - Видете, Комисијата за заразни болести која навистина е една високо професионален тим на стручњаци со различни специјалности го изготвија протоколот за спроведување на пописот и тоа следејќи ги сите фази на процесот на попишување, од тестирање, преку обучување до спроведувањето на терен, вклучувајќи со посебни дополнителни мерки и за оние, за онаа популација која ќе биде во изолација или ќе биде заболена. Најдетално се опфатени сите движења, сите возможни комуникации за време на пописот или на секоја една фаза од процесот на целиот попис, така што со преземање на соодветни мерки кои се и предвидени за секој момент и на движење во време на пописот апсолутно верувам дека се обезбедуваат максимални услови за минимизирање на какво било ширење на инфекцијата понатаму. Се разбира, јас сум повеќе од сигурна дека тој исто така ќе се спроведува доследно, како што е и напишан и верувам дека нема да се има каков било проблем затоа што е навистина многу детално обработен и мислам дека обезбедува апсолутно сигурни услови за спроведување на пописот.   А сметате ли дека мерките се доволно безбедни, има стравувања кај граѓаните на социјалните мрежи од различни структури дека нема да ги пуштат попишувачите дома, постои можност доколку имаат куќа граѓаните нели да се попишува во двор, да се попишува на тераса, меѓутоа, не сите ги имаат тие услови?  - Јас, колку што јас го знам, а го знам до детали протоколот и гарантирам негова ефикасност во смисла на обезбедувањата, не можам да предвидам колку од луѓето стравуваат или не стравуваат и дали би ги пуштиле попишувачите или не секако, но исто така верувам дека ако се плашат граѓаните, можеби сега, знаете како е, сепак зборува - еден бел мантил тука кој 13 месеци се бори со Ковид-19 и имаше прилика да види различни состојби. Ако граѓаните се плашат толку колку што барем ни се презентира дека се плашат од Ковид инфекцијата немаше да имаме ние толкави бројки на Ковид. Навистина сметам дека нашето однесување мораме да го донесеме до максимум сериозен однос кон ширењето на инфекцијата и ако се придржуваме до се нема да има проблем ниту за попис, ниту за какво било ширење од друг извор, можен извор или ризик на инфекцијата. Повеќе од сигурна сум дека кога би се однесувале соодветно секаде од продавница до попис нема да имаме никаков проблем.   Ана Цветковска фото: Фросина Насковиќ видео: Аслан Вишко

Остани поврзан