• петок, 21 февруари 2025

Стармер следната недела на Трамп ќе му го претстави европскиот план за Украина

Стармер следната недела на Трамп ќе му го претстави европскиот план за Украина

Лондон, 20 февруари 2025 (МИА) - Британскиот премиер Кир Стармер следната недела во Вашингтон ќе му претстави на американскиот претседател Доналд Трамп предлог-план за распоредување на околу 30.000 европски војници во Украина за надгледување на евентуален договор за прекин на огнот, на кој Москва би можела да се согласи, објави британски „Телеграф“.

Според западни извори запознаени со иницијативата, Стармер ќе побара од Трамп американски борбени авиони и ракети да бидат во состојба на готовност во Источна Европа за да можат да реагираат во случај на руско нарушување на договорот.

Англо-француската стратегија за т.н. „сили за обезбедување“ била претставена на итниот состанок на водечките европски лидери во Париз оваа недела, како одговор на најавата на Трамп за отворање мировни преговори со Владимир Путин.

Планот е создаден поради стравувањата дека Трамп, веднаш по постигнување на договор, би можел целосно да се дистанцира од Украина. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека целата одговорност за мировната мисија во Украина ќе падне врз Европа и Канада.

План за европски мировни сили

Според предложениот план, околу 30.000 европски војници би биле распоредени во украинските градови, пристаништа и критична инфраструктура, вклучително и нуклеарни електрани, но далеку од актуелните фронтови. Наместо поголем копнен контингент, мисијата би се потпирала на „технички надзор“, вклучувајќи разузнавачки и извидувачки авиони, дронови и сателити за целосно следење на ситуацијата, изјави западен функционер.

Операцијата би била поддржана со доволно огнена моќ за „надгледување и неутрализирање на закани“, со цел повторно отворање на украинскиот воздушен простор за комерцијални летови. Поморски патролни бродови би биле испратени во Црното Море за надзор на можните руски закани кон трговските морски рути.

Планот е значително помал од барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој побара 200.000 војници како услов за потпишување мировен договор. Но, со оглед на противењето на Германија, Шпанија и Италија за испраќање копнени трупи, можностите на Европа за долгорочно обезбедување на Украина се ограничени.

Улогата на САД и реакциите на НАТО

По состанокот во Париз, Стармер изјави дека за ваква операција би бил потребен „американски заштитен механизам“ за да се одврати Русија од повторен напад.

Овој механизам би можел да вклучува американски борбени авиони распоредени во Романија и Полска, како и поголеми мултинационални копнени сили стационирани покрај источните граници на НАТО, подготвени да реагираат доколку е потребно.

Стратегијата е во согласност со долгогодишната политика на НАТО да не влегува во директен судир со руските сили во поддршката на Украина. Се очекува дека Трамп би можел да го прифати овој план, бидејќи не вклучува испраќање американски трупи во Украина по завршувањето на борбите.

Европски дипломат за „Телеграф“ изјавил дека НАТО ќе мора да размисли за својата обврска за колективна одбрана според Член 5, особено ако Русија реши да ги нападне европските војници стационирани во Украина.

Трамп и Зеленски во остар судир
Во меѓувреме, тензиите меѓу Трамп и Зеленски се продлабочуваат. Американскиот претседател неодамна ја обвини Украина дека е виновна за руската инвазија и изјави дека во земјата се неопходни нови избори бидејќи, според него, Зеленски е „длабоко непопуларен“.

„За жал, претседателот Трамп, со сета почит кон него како лидер на земја што ја цениме... живее во дезинформативен меур“, му одговори Зеленски.

Трамп потоа го нарече Зеленски „диктатор“ и му порача „да побрза, бидејќи може да остане без својата држава“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан