• недела, 22 декември 2024

Стармер: Британија ќе формира специјална полициска единица за борба против насилните демонстранти

Стармер: Британија ќе формира специјална полициска единица за борба против насилните демонстранти

Лондон, 5 август 2024 (МИА) - Британскиот премиер Кир Стармер денеска изјави дека неговата влада ќе формира специјална полициска единица за справување со насилните демонстранти и дека правосудниот систем ќе се зајакне за да се справи со стотици апсења откако градовите беа зафатени од насилни десничарски протести минатата недела.

Стармер свика итен состанок поради беззаконието, за кое ја обвини екстремната десница и дезинформациите на социјалните мрежи.

„Каков и да е мотивот, ова не е протест. Ова е чисто насилство и нема да толерираме напади врз џамиите и нашите муслимански заедници. Оние кои се идентификувани како учесници во овие активности ќе се соочат со целата сила на законот“, рече Стармер.

Неговиот портпарол, пак,  откако Илон Маск рече дека по неколкудневните немири во Велика Британија „граѓанската војна е неизбежна“ , предупреди дека секој кој поттикнува насилство и на интернет ќе се соочи со законот.

Маск, милијардерот и сопственик на X, го напиша овој коментар на својата социјална мрежа под видеото на кое се гледа како бунтовници фрлаат огномет кон полицијата.

„Онлајн платформите имаат одговорност. Значи, ако поттикнувате насилство, не е важно дали е онлајн или офлајн“, рече портпаролот и додаде дека британската влада работи со социјалните мрежи за да обезбеди отстранување на дезинформациите.

Повеќе од 400 луѓе се уапсени од почетокот на немирите минатиот вторник по апсењето на Аксел Рудакубана (17), кој е обвинет за убиство на три девојчиња на детски час по танц во град во близина на Ливерпул.

Во судирите во последните шест дена беа повредени десетици полицајци. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан