• четврток, 30 мај 2024

Стано: ЕУ нема двојни стандарди кон Израел и Иран и повикува на воздржаност и деескалација 

Стано: ЕУ нема двојни стандарди кон Израел и Иран и повикува на воздржаност и деескалација 

Брисел, 15 април 2024 (МИА) – ЕУ нема двојни стандарди кон Техеран и Тел Авив и ги повикува и двете страни на воздржаност и спречување на понатамошна ескалација на состојбата, изјави денеска портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано, посочувајќи дека Унијата ги осуди и последните ирански напади со дронови и проектили врз Израел, како и израелскиот напад врз Амбасадата на Иран во Дамаск на 1 април. 

- ЕУ сосема јасно и гласно ги осуди нападите врз иранските дипломатски простории во Дамаск и тука на прес-конференција на 2 април, по Велигденскиот викенд, а на 3 април издадовме и соопштение со кое јасно го осудивме овој напад. На него гледавме како на потенцијален ризик за натамошна ескалација и нарушување на дипломатските права, додаде Стано во одговор на забелешка дека ЕУ била остра во осудите на последните ирански напади, а манифестирала воздржаност кон осуда на израелскиот напад врз дипломатската мисија на Иран во Дамаск.  

Според Стано, не станува збор за никакви двојни стандарди, бидејќи ЕУ секогаш реагира со осуда кога станува збор за кршење на меѓународното право. 

- Затоа ЕУ толку јасно, брзо и недвосмислено ги осуди нападите без преседан и баражот од проектили и дронови што Иран го лансираше од својата територија кон Ирзаел, изјави Стано додавајќи дека ЕУ повикува на деескалација, бидејќи никој нема корист од ескалирањето на состојбите.  

Според Стано, во рамки на своите напори за деескалација, ЕУ е фокусирана на соработка со своите меѓународни партнери и со партнерите во регионот во насока на остварување на ваквата заложба. 

На прашање дали ЕУ размислува за воведување санкции кон Иран поради нападите, Стано нагласи дека секој нов режим на санкции или промена на постоечки претставува процес за кој решаваат земјите членки на ЕУ во доверлива процедура и Европската комисија не говори за тоа пред да се донесе конкретна одлука.   

Тој воедно потсети и дека Иран, како и ирански ентитети и поединци, веќе се предмет на голем број различни режими на санкции на ЕУ, поврзани со непочитување на забраната за неширење на оружје за масовно уништување, за кршење на човековите права или поради снабдувањето на Русија со дронови и поддршка на нејзината агресија врз Украина. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан