• петок, 22 ноември 2024

Османи со Ховениер: Загрижена поради укинување на визите за Србите со нелегални пасоши

Османи со Ховениер: Загрижена поради укинување на визите за Србите со нелегални пасоши

Приштина, 24 јули 2024 (МИА) – Косовската претседателка Вјоса Османи на денешната средба со амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џеф Ховениер изрази загриженост поради одлуката на Советот на Европската унија да ги укине визите за припадниците на српската заедница во Косово кои поседуваат, како што вели, нелегални пасоши издадени од Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти претседателскиот кабинет, Османи на редовната средба со амбасадорот Ховение рекла дека укинувањето на визите за Србите со нелегални пасоши негативно влијае на степенот на владеење на правото во цело Косово.

- Говорејќи за последните случувања во земјата, претседателката изрази загриженост поради вчерашната одлука на Советот на Европската унија за укинување на визниот режим на граѓаните на Косово кои поседуваат нелегални српски пасоши, нагласувајќи дека оваа одлука негативно влијае на степенот на владеење на законот низ Косово, како и ги урива напорите за интегрирање на српската заедница во Косово, се наведува во соопштението.

На средбата, информираат од кабинетот на Османи, било разговарано и за учеството на косовската претседателка во активностите во рамките на Самитот на НАТО, на покана на претседателот Џо Бајден и државниот секретар Ентони Блинкен.

- Ценејќи ја поканата на САД и присуството на Косово во овие клучни активности на Самитот како стратешки развој во корист на унапредувањето и зачувувањето на мирот и безбедноста во регионот и пошироко, претседателката Османи го истакна позитивното влијание што членството на Косово во НАТО би го имало за одржлив и долгорочен мир и безбедност, се вели во соопштението.

Османи и Ховениер разговарале и за неодамнешните средби на претседателката со високи американски претставници, „како и за конкретните чекори што треба да се преземат во иднина во однос на координацијата на акциите во корист на интересите на Косово и партнерството со САД“.

- Претседателката Османи и амбасадорот Ховениер разговараа и за низа законски иницијативи со кои институциите постапуваат во последно време, при што ја потврдија важноста да се гарантира почитувањето на демократските принципи и највисоките стандарди за човекови права, се наведува во соопштението. паг/
 

 
 
 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан