Стаменов: Обиди да се наштети на ЗОО Скопје, да се откријат сторителите
- Цениме дека сите овие обиди наликуваат на намерна саботажа на рабата и функционирањето на самата Зоолошка градина, треба да се прашаме на кого му пречи успешноста на Зоолошката градина. Остро
Скопје, 10 мај 2022 (МИА) – Директорот на ЈУ Зоолошка градина Скопје, Кристијан Стаменов, денеска упати апел да се расветлат, како што вели, немилите настани што се случувале во изминатиот период во Скопје ЗОО, а кои му наликуваат на саботажа на работата на зоолошката.
Како што информира Стаменов, на 10 април поединци направиле неовластен влез на група од дванаесетина луѓе, петнаесет минути пред затворање на градината. Потоа на 28 април од службите во Зооолошката градина бил направен увид во живеалиштата на животните и било констатирано дека се пресечени неколку катанци, по што биле пуштени неколку животни, во рамки на просторот во зоолошката градина.
Додаде дека по рекордната посетеност во Зоолошката градина со над 14 000 посетители, вчера во 00:30 часот имало и обид да се обие влезната врата од благајната.
-Сторителот е фатен од безбедносните камери на Зоолошката градина како во два наврати се обидува да го обие влезот на благајната, претпоставуваме со цел да направи финансиска штета. Но, снимениот поединец останал само на обидот, затоа што како што се гледа на снимката не можел да го обие влезот на билетарата и благајната по што настаната е незначителна материјална штета. Истиот настан веднаш по случувањето уште вечерта е пријавен во полициска станица Карпош, изјави Стаменов.
Истакна дека сите овие настани биле пријавени до надлежните органи за постапување, односно до Министерството за внатрешни работи, и оти постои сомнеж, дека овие настани се обид за саботажа.
-Цениме дека сите овие обиди наликуваат на намерна саботажа на рабата и функционирањето на самата Зоолошка градина, треба да се прашаме на кого му пречи успешноста на Зоолошката градина. Остро ги осудуваме сите овие обиди да се наштети на нашата работа, но и на безбедноста на животните, се надеваме дека службите од Министерството за внатрешни работи ќе работат интензивно на откривање на сторителите, со цел да се спречат и понатамошни вакви обиди. Доколку вистина станува збор за саботажа на нашето работење и функционирање нема да не обесхрабрат туку напротив ни даваат мотив плус да работиме уште повеќе за поубава и попосетена Зоолошка градина Скопје, порача Стаменов.свс/лв/