• четврток, 21 ноември 2024

Производителите на сончоглед на средба во Велес, бараат од Владата и МЗШВ поддршка од 7-8 денари по килограм предаден сончоглед

Производителите на сончоглед на средба во Велес, бараат од Владата и МЗШВ поддршка од 7-8 денари по килограм предаден сончоглед

Велес,14 ноември 2024 (МИА) - Производителите на сончоглед од земјава во најголем дел од Пелагонискиот регион на денешната средба во фабриката „Кристал 1923“ во Велес, која е нивни откупувач преку медиумите од Владата и надлежното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, побараа помош од 7-8 денари по килограм предаден сончоглед.

На средбата земјоделците се пожалија дека најголем дел од нив, поради сушата односно, како што велат, ниту капка дожд од сеидбата до жетвата на сончогледот, оваа реколта не успеале да соберат по минимални 1,5 тон сончоглед од хектар, што е лимит за да добијат субвенции, а поради што и ја бараат поодршката од надлежните.

Тоде Лазаровски од село Ивањица, Општина Могила во изјавата за МИА, се жали дека годинава поради сушата нaместо 1,5 тон по хектар годинава собрал едвај 700 килограми по хектар што е за половина помалку од лани поради што тој и голем дел од останатите земјоделци на сончоглед не успеале да добијат субвенција од државата.

Лазаровски од свое име и од името на останатите производители на сончоглед од Пелагонискиот регион кој е најголем производител во земјава и од останатите региони под итно бараат поддршка од Владата и МЗШВ од 7-8 денари по предаден килограм.

-Поради сушата годинава имаме многу намалено производство, од сеидба до жетва годинава не заврна ни капка дожд. Јас годинава собрав само 35 тона, а требаше да соберам 100 тона, поради што заедно со останатите земјоделци и ја очекувам подршката од Владата и МЗШВ која лани исто така поради сушата ни помогна со дополнителни по 5 денари од предаден сончоглед, појасни Лазаровски.

Тој  се жали дека три години поради суша имаат намалено производство, а кое е драстично намалено годинава. Воедно дека најголем дел од средните производителите на сончоглед во земјава меѓу кои е и тој, земале земја под закуп од државата која е во трета, четвртта и петта класа, а од која и не можат да се добијат големи приноси на сончоглед.

Од  АД „Кристал 1923“ кои се нивни најголем откупувач за МИА, потенцираат дека фабриката, како и досега ги поддржува земјоделците со аванс, семе и заедничка кампања. Воедно и годинава ги подржува во нивните барања за добивање на дополнителна поддршка од државата. А.Д„Кристал 1923“ лани откупи 3 800 тони сончоглед, а годинава само 3 200 тони сончоглед, а кој го користи како суровина за производство на масло за јадење. Тие се единствени во земјава што откупуваат сончоглед од производителите во земјава.

Од Фабриката лани на земјоделците им исплаќаа по 20,5 денари по килограм плус ДДВ, а годинава 24 денари плус ДДВ, а цената на маслото за јадење остана иста иако имаат дополнителни даачки меѓу кои и повисоката откупна цена, потенцираат од АД „Кристал 1923“. ад/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан