• четврток, 26 март 2026

Ставени под контрола пожарите во јужна Европа и Турција

Ставени под контрола пожарите во јужна Европа и Турција

Истанбул, 2 август 2025 (МИА) – Според последните извештаи од денеска, пожарникарите во јужна Европа и Турција во голема мера успеаја да ги стават под контрола разорните шумски пожари од последниве денови, додека многу области се подготвуваат за топло и суво време.

Ситуацијата беше најтешка во северна Португалија, каде што пожар беснееше со денови во близина на малиот град Понте да Барка. Пламените јазици таму се речиси под контрола, но временските услови се неповолни, изјави за државната телевизија РТП, Елисио Оливеира, шеф на цивилната заштита.

За наредните денови е прогнозиран нов топлотен бран кој ќе донесе температури повисоки од 40 Целзиусови степени, што најверојатно ќе ја зафати и соседна Шпанија, пренесе ДПА.

Втор голем пожар во близина на малиот португалски град Арука, на југ, исто така е ставен под контрола.

Пожарите што беснеат во јужна Европа, регион кој обично е сув во лето, беа разгорени од топли и особено суви ветрови кои можат да ги претворат најмалите невниманија, подметнување пожар или удар на гром во шумски пожар. Ваквите пожари можат брзо да излезат од контрола по деновите на жештина што ја суши вегетацијата, која потоа гори како сува трева.

Во Куевас дел Ваље, јужно од Авила во Шпанија, на пожарникарите неочекувано им помогна дожд и пламените јазици беа речиси целосно изгаснати, јави државната телевизија РТВЕ.

Врнежите дожд беа како „дар од небото“, напиша одделот за животна средина на регионалната влада на Кастиља и Леон на X. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан