• недела, 22 декември 2024

Српската полиција ги разби протестите во Белград, има приведени

Српската полиција ги разби протестите во Белград, има приведени

Белград, 24 декември 2023 (МИА) - Седмиот протест на коалицијата „Србија против насилството“ се одржа пред зградата на Републичката изборна комисија (РИК). Во еден момент протестот се пресели пред Собранието на Град Белград, по што полицијата, со штитови ги потисна насобраните.

Претставници на опозицијата се обиделе да влезат во собраниската зграда, но полицијата внатре не им дозволила.

Протестот беше одбележан со бројни инциденти, граѓаните кршеа прозори и влезни врати, а уништени се и камери за видео надзор. Приведени се најмалку пет лица во заедничка операција на Министерството за внатрешни работи и на Обвинителството, дознава РТС.

Универзитетската професорка Билјана Стојковиќ за Н1 изјави дека четворица студенти биле уапсени близу чешката амбасада, дека биле внесени во цивилен автомобил и биле приведени од маскирани и вооружени лица.

Граѓаните фрлаа камења кон зградата на Градското собрание во Белград, а полицијата ги испрска со поголема количина солзавец.

На крајот полицијата и жандармеријата ги растурија демонстрациите на граѓаните.

Жандармеријата ги отстрани и новинарските екипи, посочувајќи дека треба да се спроведе увид, со што протестот заврши. Како што јави репортерот на „Данас“, во градското собрание влезе министерот за внатрешни работи на Србија, Братислав Гашиќ. 

Наскоро се очекува обраќање на претседателот Александар Вучиќ. ссм/

 

Остани поврзан