• петок, 22 ноември 2024

Средношколците од Скопје во „Еurope house“ дискутираа на тема органодонорство

Средношколците од Скопје во „Еurope house“ дискутираа на тема органодонорство

28 февруари 2024 

Во просториите на „Еurope house“ Скопје, вчера се одржа дебата со преставници од средните училишта на тема органодонорство, како дел од кампањата за подигнување на јавната свест за органодонорството и трансплантацијата во земјава.

Оваа средба е во склоп на повиците за визуелни дела, постери, слоган и лого за професионални дизајнери и за средношколци, што се организираат со цел да се брендира кампања која ќе ја покаже важноста на трансплантацијата не само како медицинска дејност туку и од аспект на хуманост, љубов, емпатија, надеж.

Настанот е дел од проектот „Поддршка на системот за донирање и трансплантација на органи во Македонија“, финансиран од ЕУ и подготвен во соработка со Министерството за здравство . Модератр на настанот беше Небојша Илијевски, консултант за комуникации. Покрај средношколците од средните државни училишта СУГС „Раде Јовчевски - Корчагин“, СУГС Гимназија„Јосип Броз Тито“, СГГУС „Здравко Цветковски“, ДСУЛУД„Лазар Личеноски“, „Панче Караѓозов“, претставници од Сојузот на средношколци на дебатата учествуваа и проф. д-р Маја Мојсова Мијовска, Национален координатор за трансплантација, Асс. д-р Билјана Андоновска, Заменик национален координатор за трансплантација, и Адријана Георгиев, раководителка на програмата за трансплантација на органи, ткива при Министерство за здравство, како и д-р Даница Авсец која со години го водеше Словенија Трансплант. Токму др Авсец воедно е тим лидер на проектот за трансплантација и органодонорство, што во моментот се спроведува во Македонија, ги пренесе на средношколците словенечките искуства на оваа тема. „Хуманост“, „Спасување животи“, „Здравје“, „Немам зборови“, „Добротворност“, „Храброст“, „Добро дело“, „Шанса“, „Најголема форма на дарување“, беа само дел од одговорите на прашањето: Која е првата асоцијација што ви доаѓа на памет кога ќе се спомене „органдарување“?

Младите манифестираа голема љубопитност и отвореност да разговараат на една тема која е олицетворение на тенката линија помеѓу животот и смртта. Поставуваа прашања, споделуваа ставови, поттикнуваа дискусија. - Од она што го слушам, младите во суштина го познаваат принципот на органодонорство и трансплантација. Идејата на оваа средба со учениците е да го доближиме процесот кој можеби изгледа страшно, дури и за повеќето здравствени работници, не само за средношколците. Сметам дека треба да допреме до младите какао идна сила на ова општество – да се информирани, да носат сопствени одлуки. За жал, никој од нас не е вечен. Неопходен ни е разговор на теми од кои нема да се плашиме, и ќе градиме ставови. Некогаш животот нѐ носи во ситуации кога ни е потребно соочување и важни одлуки. Органодарувањето некогааш е живот, а некогаш продолжување на животот. Дарувањето после мозочна смрт значи уште поголема љубов од дарувањата во рамки на семејството.

Лесно е да ги сакаме нашите членови од семејство, блиско и далечно. Но, кога се дарува на непознати приматели - зборуваме за човечката димензија на љубовта, која ги надминува границите на нашето семејство. Генерално, сѐ се сведува на тоа да си помагаме едни со други. Блиските секогаш треба да носат одлуки со кои ќе бидат во мир, и ќе бидат во согласност со нивните душевни и човечки особини - нагласи Мојсова. „Кога згаснува еден живот, срцето може да чука кај некој друг, и со тоа спасуваме нечиј живот“. „Голем број болести наоѓаат решение во органодонорството и трансплантацијата“. „Дарувањето органи не мора да значи да биде постмортално, туку може да биде и додека сме живи, како што е донирањето коскена срцевина“. „Донирање органи најчесто го поврзуваме во рамки на семејството, но, тоа, можеме да го правиме и додека сме живи и да спасуваме живот(и)“. Ова се само дел од пораките кои произлегоа од дискусијата. - Со Повиците сакаме да ја видиме вашата перцепција за органодонорството - како емоција, како креација. Затоа што, органодонорството не носи само медицинска димензија, туку нѐ допира и малку поинаку. Помага во спасување на животи, ама помага и во спасување на човечност која ја има меѓу нас, и се обидуваме да ја одржиме. Вашите размислувања и решенија очекуваме да создадат кампањата која во наредните месеци ќе има за цел да ја подигнува свеста кај сите нас на оваа тема – во целата земја, нагласи Адријана Георгиев од Министерството за здравство. На аспектот ‘согласност’ се осврна асс. д-р Андоновска. Сподели статистика која вели дека несогласувањето за органодаување, на светско ниво, изнесува од 16 до 40 отсто, а дека тој процент кај нас изнесува 28 отсто.

На оваа средба младите имаа можност да слушнат и за сликата за органодонорство и трансплантација во Словенија, каде согласноста изминатата година изнесувала високи 79 отсто, што значи и над просекот што го прават земјите членки на Еуротрансплант.

- Градењето свест за органодонорство е константа, приказна без крај. Секогаш одново работиме на оваа тема. Луѓето, генерациите се менуваат, потребна е постојана едукација. Трансплантацијата често е и табу тема, зошто носи неочекувана смрт, тешка комуникација, но, има начини како да се преброди, и како да дадеме простор на ново знаење. Главната поента е создавање поддржувачка околина и култура, со ширење на фактите, потребите и резултатите во ова поле. Неопходно е да развиваме доверба, и тоа преку различни начини и алатки на комуникација, нагласи Авсец.

На средбата се отворија и прашања за начините на кои се станува донор, за етичките принципи на органодарувањето, за возрасната граница на донорите и реципиентите, за заштитата на личните податоци, и уште многу други поттеми. „Не треба да има табу теми. Пред сѐ, треба да сме благодарни што сме здрави. Но, оваа средба ми ги прошири видиците за органодарителството. И ако порано мислев дека тоа е нешто што е врзано само во кругот на семејството, сега на тоа гледам многу поинаку, и дефинитивно почесто ќе разговарам и со блиските, и со врсниците“, беше само една од пораките што ја заокружија средбата.

Следни вакви средби се планирани во март, во Велес и во Струмица.

Тим за комуникации
Поддршка на системот за трансплантација

_______________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото: Томислав Георгиев

 

Остани поврзан