• сабота, 21 декември 2024

Средби на Муцунски со шефот на Канцеларијата на Литванија и со амбасадорката на Шведска

Средби на Муцунски со шефот на Канцеларијата на Литванија и со амбасадорката на Шведска

Скопје, 16 август 2024 (МИА) - Mинистерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на одвоени средби ги примил шефот на Канцеларијата на Република Литванија во земјава, Вилма Дамбраускиене, и амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин.

Како што информира Министерството, на средбата со Дамбраускиене било изразено заемно задоволство од досегашниот развој на билатералните односи и политичкиот дијалог, а особено по отворањето на Канцеларијата на Литванија во Скопје, „споделувајќи обострани заложби за натамошно интензивирање на секторската соработка и меѓусебната поддршка во различни мултилатерални формати“.

-Министерот Муцунски се заблагодари за принципиелната поддршка на Литванија на пристапниот процес во ЕУ, која како дел од групата „Пријатели на проширувањето” континуирано се залага дека земјите од Западен Балкан треба да бидат дел од ЕУ, со што ќе се воспостават и мерки за развој на економијата, а придобивките ќе ги почувствуваат сите страни, наведува МНР во соопштението. 

Покрај од министерот Муцунски, шефот на Канцеларијата на Република Литванија во земјава бил примен и од заменик-министерот Зоран Димитровски и државниот секретар Елена Кузмановска.

На средбата со амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин,  наведува Министерството, Муцунски изразил задоволство што „во изминатите 30 години двете земји изградија силни партнерски односи и развиен политички дијалог“.

Изразил уверување дека новата Влада ќе биде целосно посветена на нивно натамошно динамизирање по однос на сите билатерални, регионални и глобални прашања од интерес за двете земји.

-На средбата, министерот Муцунски се заблагодари за досегашната значајна шведска билатерална развојна помош која помогна во имплементирањето важни реформи во нашата земја и зајакнувањето на капацитетите на македонските институции. Воедно, Муцунски изрази надеж дека позитивните искуства на шведските компании кои се веќе присутни во нашата земја ќе бидат основа за нови успешни примери и во иднина, а истовремено ја истакна важноста од фокусирање на напорите и кон натамошно продлабочување на меѓусебната економска соработка и подобрување на трговските односи, се наведува во соопштението. хс/са/

Фото: Mинистерство за надворешни работи и надворешна трговија

Остани поврзан