• четврток, 13 јуни 2024

Средба на министерот Османи со заменик министерката за надворешни работи на Грција, Пападопуло

Средба на министерот Османи со заменик министерката за надворешни работи на Грција, Пападопуло

Скопје, 13 јуни 2024 (МИА) - На маргини на Состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа што се одржува во Скопје, министерот за надворешни работи, Бујар Османи остварил билатерална средба со заменик министерката за надворешни работи на Република Грција, Александра Пападопуло, соопштија од МНР.

Тема на разговор била европската перспектива на Северна Македонија и потребата од натамошна поддршка од страна на Грција.

- Северна Македонија и Грција, како партнери и сојузници треба да играат клучна улога во обезбедувањето на регионалната стабилност. ПСЈИЕ како иницијатива е добра платформа за дијалог и за решавање и разрешување на отворените прашања, истакнал Османи.

Тој додал дека Грција е ценет и силен поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија, како и доверлив и значаен сојузник во НАТО.

- Очекуваме оваа поддршка за ЕУ и соработката во НАТО да продолжи да се развива и надградува во наредниот период. Европската интеграција на регионот е од најголемо стратешко значење и споделен интерес за регионалната и целокупната европска безбедност, рекол Османи, се посочува во соопштението од МНР.

На средбата, соговорниците изразиле задоволство од динамиката со која се развиваа односите меѓу двете соседни земји, особено изминативе седум години по потпишувањето на Преспанскиот договор, нагласувајќи ја потребата од негово почитување и целосна имплементација од двете страни. цр/ац/

Фото: МНР

 

Остани поврзан