• четврток, 26 декември 2024

Грковска-Кежмах: Судиите мора да ја чуваат својата независност, не смее да има солидарност за оние кои го рушат имиџот на професијата или се корумпирани

Грковска-Кежмах: Судиите мора да ја чуваат својата независност, не смее да има солидарност за оние кои го рушат имиџот на професијата или се корумпирани

Скопје, 27 сепември 2023 (МИА) -  Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска во Љубљана имаше работен состанок со потпретседателката на словенечкиот Судски совет, Уршка Кежмах, со која размени мислење за механизмите за унапредување на независноста и интегритетот на Судскиот совет, соопшти владината прес-служба.

Вицепремиерката Грковска ги сподели предизвиците со кои се соочува македонскиот Судски совет, кои придонесоа за губење на кредибилитетот на оваа институција. Таа информираше дека минатата недела во Северна Македонија заврши оценската мисија од страна на Европската комисија, која ја предводеше хрватскиот експерт и судија Бранко Хрватин. Во наредниот период, додаде таа, се очекува да пристигне Извештајот од оценската мисија, по што, нашата држава ќе мора да пристапи кон сериозни реформи.

-  За нас ќе биде многу важно искуството на земјите членки на Европската Унија во примената на европската регулатива, особено во правосудниот систем и унапредувањето на независноста и јакнењето на интегритетот, додаде Грковска.

Таа информираше дека на експертскиот тим делегиран од Европската комисија му доставила конкретни предлози преку кои може да се надминат слабостите во Судскиот Совет, а кои се однесуваат на унапредување на мерит системот и на критериумите за избор на судии, унапредување на транспарентноста при изборот, како и низа други решенија во насока на зајакнување на професионалноста, независноста и ефикасноста на оваа институција.

-Судскиот совет на Словенија силно се бори да ја зачува независноста, но и кредибилитетот на институцијата и професијата. За таа цел во рамките на Судскиот совет функционира Дисциплински суд, кој е независен и во кој членуваат судии со висок интегритет и големо искуство, истакна потпретседателката Кежмах. 

Таа нагласи дека во Судскиот совет на Словенија, во насока на унапредување на интегритетот и независноста на судиите функционираат независна Комисија за етика и интегритет, како независно тело кое проценува дали се прекршени етичките норми, но и лице за советување во случаи кога судиите имаат дилеми дали некоја постапка е спротивна на Етичкиот кодекс, додадавајќи дека во правосудниот систем на Словенија  од страна на адвокатите и од страна на судиите особено се внимава на опасноста од судир на интереси.

Двете соговорнички се согласија дека судиите мора да ја чуваат својата независност и во таа насока не смее да има солидарност за оние кои што го рушат угледот на професијата или се корумпирани. љм/са/

Фото: Влада на РСМ

Остани поврзан